Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека издавањето на официјалните пасоши и документи од страна на МВР на светски криминалци, нарко босови, мафијаши и припадници на ИСИС е загрозување на безбедносниот систем на другите земји, а не само на македонскиот.
За членот на партијата, Орце Ѓорѓиевски, Македонија поради Зоран Заев и Оливер Спасовски како што рече, станала европски и светски безбедносен проблем.
Последиците од оваа афера може да бидат далекусежни и за Македонија како држава и за нашите граѓани, вели Ѓорѓиевски.
Според него Европската Комисија веќе посочила дека нарушувањето на безбедноста на личните документи од вакви размери како што се случи во Македонија со оваа афера „Мафија“, го загрозува клучниот услов за либерализацијата на визниот режим за граѓаните на нашата држава.
„Со други зборови неисполнувањето на овој услов го доведува сериозно во прашање безвизниот режим и слободното патување на граѓаните на Македонија без визи во земји од Европската унија. Впрочем давањето на закрила на терористи, мафијаши и криминалци од страна на власта на Заев го гледаат и надвор од границите на Република Македонија. И таму веќе знаат дека не е возможно босови на турска, италијанска, албанска, црногорска, српска и шпанска мафија да добивале пасоши од обични полициска чиновници од МВР. Некој од високите функционери морал прво да им обезбеди влез во Македонија, бидејќи биле барани на меѓународни потерници, да ги спроведе до полициска станица, да им обезбеди официјални документи со злоупотреба на лични идентитети, матични броеви и потоа да им дозволи слободно да ја напуштат државата и да хараат насекаде по светот“, рече Ѓорѓиевски.