ВМРО-ДПМНЕ денеска обелодени дека градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска го потпишала договорот за пречистителната станица на Град Скопје, кој беше причина за нејзиното раскинување на коалицијата со најголемата опозициска партија.
Од партијата велат дека со ставањето на потпис на договорот, „Арсовска стави потпис на признанието дека лажела, манипулирала, лажно обвинувала и дека со лаги се обиде да изманипулира процес за најголемиот и најскап проект за Скопје“.
-Сега и Арсовска го потпишува истиот договор со што признава дека, едноставно, лажно го обвини дека влијаел врз тендерската документација и на сила го смени Златко Перински од директорското место во Водовод и Канализација. И се тресеа ли рачињата кога Арсовска го потпишуваше договорот кој што го напаѓаше? Ќе се извини ли сега Арсовска за клеветите врз Перински, Мицкоски и врз ВМРО-ДПМНЕ?, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тендерот за изградба на пречистителна станица за отпадни води беше распишан за време на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Тендерот беше отворен во март годинава и како што кажа тогаш директорот Перински стигнале две понуди кои требаше да се разгледуваат и оценуваат во наредните 6 месеци.
Средствата во висина од 136,73 милиони евра за изградба на овој капитален проект се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.