Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека утре ќе го соопшти ставот дали ќе ја прифати поканата за учество на лидерската средба свикана за в понеделник од премиерот Димитар Ковачевски, откако ќе направи консултации со коалициските партнери, со пратеничката група и со Извршниот комитет на партијата.
– Вечерва имам состанок со проширениот состав на Општинскиот комитет овде во Битола. Утре имаме настан, се надевам дека телефонски попатно ќе имам можност да се консултирам со коалициските партнери, со пратеничката група, со Извршниот комитет и веќе во текот на утрешниот ден ќе соопштиме дали ќе одиме и ако не, зошто не одиме, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по извршениот увид во градежните активности за асфалтирање на Бруснички пат во населеното место Брусник во Битола.