ВМРО-ДПМНЕ: За 8 дена собравме над 100.000 потписи за поништување на пописот

од Nikola Popovski
137 прегледи

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, информира дека за 8 дена неговата партија собрала над 100.000 потписи за, како што рече, европски попис.

„И покрај многуте опструкции од власта, за 24 часа во 8 дена, 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној што сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел. Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива“, рече Сајкоски.

Според генeрaлниот секретар на партијата, од самиот почеток власта била исплашена знаејќи дека спроведува попис спротивно од барањата и заложбите на граѓаните и токму затоа, како што додаде, власта им ја отфрли иницијативата за поништување на Законот за пописот.

„Затоа, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани, ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на Законот за пописот. Граѓаните и Република Македонија заслужуваат европски попис како статистичка операција, колку и тоа да ѝ пречи на власта. Оваа власт, чиј носител е СДСМ, е на самиот крај и оваа поддршка од над 100.000 граѓани за кус период е само почеток на крајот на оваа Влада“, рече Сајкоски.

Слични содржини