Со денешните монтирани, прилепувани и сечени разговори СДСМ покажува дека нема ниту грам чувство на одговорност спрема државата, но и спрема бранителите и сите останати граѓани, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ во Гостивар.
СДСМ, се подвлекува, толку навлезе во манипулации што се самите контрадикторни, секоја лага е спротивна на претходната и секоја нивна наредна теза е понеиздржана.
Со монтираните и сечени разговори СДСМ сака еднаш да ја прикаже ВМРО-ДПМНЕ како лесен преговарач, веќе наредниот пат тие обвинуваат за непопусливост. СДСМ еднаш вика дека во државата се се контролирало партиски, а веднаш потоа обвинуваат дека се немало контрола. Тоа покажува дека и СДСМ веќе не знае како да излаже, се вели во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ и се додава дека вистината е во она што навистина се случило, во реалните факти и настани кои сите ги паметиме.
СДСМ, се посочува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ, ќе се памети по расформирањето на единицата Лавови, по прогонството на бранителите, нивното јавно понижување, по меѓусебното конфронтирање на безбедносните структури, како и по единствениот случај во кој што македонската полиција ја принудија да впери оружје кон сопствените колеги, кои во месноста Стенковец си ги бараа своите права, што само ја покажува неразбрливата страст на СДСМ помеѓу себе да се закрвуваат македонците,
ВМРО – ДПМНЕ во реакцијата на прес-конференцијата на СДСМ подвлекува дека оваа партија ќе се памети и по сцените од пред Собранието и пред МВР кога жени бранителки кои мирно протестираа беа влечени за коса, а мажите бранители тепани, по тоа како нечовечки јавно ги исмејуваше и ги понижуваше припадниците на безбедносните сили нарекувајќи ги животинско царство, по, како што стои, бруталното убиство на Диме Ицковски Поштарот, по стотиците деградирања на работните места, на заканите од Верушевски дека ќе ги беси жените на припадниците на безбедносните сили, на монтираните апсењата на припадниците на безбедносните сили чија што режија ја правеа кадрите на СДСМ Зоран Верушевски и Бранко Бојчески при што на малолетните деца на бранителите им беа вперувани пиштоли, на бркањето од работа на над 1600 припадници на безбедносните сили, како и опструкциите и блокадите на безбедносните сили со цел да се жртвуваат војниците и полицајците во критичните региони како на пример Радуша и скандалите од деведесеттите- на чудното самоубиство со два куршуми на полицајката ,на нерасветлените и сомнителни убиства на телохранителите на Глигоров и многу други случаи.
– Сите овие случувања се факти и докази кои реално се случиле. Сите го знаат придонесот на ВМРО-ДПМНЕ и деструкцијата на СДСМ. Ова е вистината која сите ја паметиме, а не некакви монтирани, сечени и дообјаснувани работи кои се ставани во одреден манипулативен контекс, се вели во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.
Тоа што СДСМ прибегнува кон вакви манипулации, смета ВМРО – ДПМНЕ, е показател дека нема никаква поддршка од граѓаните, деструктивните политики не се начин на водење политика.
– Така на власт без програма, проекти и конкретни предлози не се доаѓа. На крајот од денот народот е тој што го има последниот збор. Народот знае да процени, што е добро а што е лошо по државата, се подвлекува во реакцијата./МИА
