Македонскиот културен клуб во Благоевград со името „Никола Вапцаров“ го постави прашањето дали некој сака повторно „да ја запали чергата“ на нашите односи со Северна Македонија, пишува сликовито утрово „БТВ“.
В недела бугарското ВМРО подготвува протест по повод отворањето на клубот. Константин Стаев од партијата објасни дека демонстрациите нема да бидат пред клубот и дека нема желба за тензија.
„Нашиот протест е кај споменикот на Гоце Делчев, не овде. Токму за да се избегнат вакви провокации, вакви ексцеси. Затоа што она кон што целиме е всушност нормализација на односите меѓу двете земји. Но во контекст на моментот кога сфаќаат која е историската вистина, која всушност им ја сугерираат роднините на Никола Вапцаров. Тие јасно и категорично го кажаа ставот дека не се согласуваат клубот да го носи името на Никола Вапцаров“, изјави Стаев.
Според Велислав Илиев од Младинската организација на ВМРО, не може да му се верува на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Од неговите досегашни постапки, тој во никој случај не цели да го нормализира тонот со Бугарија. Се сеќаваме на масовните протести во Скопје што тој и неговата партија ги организираа по прифаќањето на францускиот предлог. Се сеќаваме како хистерично викаше дека нема да го отвори уставот. Се сеќавам и дека г-дин Мицкоски употреби изрази како „отровно дрво“ по повод билатералниот договор на Бугарија со Северна Македонија. Нема начин, на позадината на овие негови изјави и дејствијата што ги презема неговата партија кон нашата тамошна заедница и нашите културни клубови – нема начин, на оваа позадина, да очекуваме тој овде да се однесува поинаку“, смета Илиев.
Младинската организација гарантира дека нема да има поддршка за ескалација на тензиите на утрешниот протест кој почнува во 10 часот.