Од ВМРО-Народна партија велат дека се воодушевени од високиот патриотски, храбар и мудар чин што претседателот, Ѓорѓе Иванов го направи на заедничката фамилијарна фотографија на гала вечерата одржана по повод самитот во Истанбул кога ја пречкрта референцата ПЈРМ, театрално заменувајќи ја со Македонија и со својот потпис ја верифицира долгогодишната желба на Македонците.

„ВМРО-Народна партија го охрабрува Ѓорѓе Иванов уште поревносно и понатаму да го искажува својот патриотизам и да биде пример на сите функционери во власта, на тој начин што ќе ги прогласи за ништожни сите меѓународни договори што за своето претседателствување ги има потпишано. Во меѓувреме, комплетната дипломатска преписка и пошта што ја прима под референцата ПЈРМ да ја враќа на испраќачот. Заради максимално комплетирање на задоволството што ни го демонстрира Иванов, потребно е само уште да ги одбие сите покани за учество на билатерални и мултилатерални средби од држави и меѓународни организации на кој стои ПЈРМ“ – велат од НП.
ВМРО-Народна партија во спротивно ќе смета дека овој поединечен акт на патриотизам е само уште едно бледо и неубедливо демонстрирање на лажен патриотизам со што сака да го сврти вниманието на јавноста од глупостите што изминатиот период ги прави во серија, се вели во соопштението од партијата.