ВМРО-Народна партија искажува сериозна загриженост од однесувањето на четирите политички партии потписнички на Пржинскиот договор во врска со утврдениот датум за одржување на предвремените Парламентарни избори, со што ќе се стави крај на длабоката политичка криза во Р.Македонија, која трае речиси две години. Во овие денови кога имаме кулминација на кризата, главните политички фактори не убедуваат за тоа колку интересите на Р.Македонија се највисок приоритет за нив, а од друга страна, нивните искажани ставови и погледи околу разрешувањето на кризата, имаат печат на чисто партиски интерес.
ВМРО-Народна партија високо го цени доприносот на меѓународната заедница, која според нас, одсекогаш била конструктивна и пријателски настроена кон интересите на Р.Македонија и нивното партнерство и соработка се од голема корист за нашата држава. Убедени сме дека оваа соработка и натаму ќе продолжи и на крај ќе резултира со полноправно членство во евроатлантските интеграции на општа радост на граѓаните на Р.Македонија.
ВМРО-Народна партија заради сето ова и заради позицијата на гарант за спроведување на Пржинскиот договор, ја повикува меѓународната заедница јасно, прецизно и конкретно да го каже својот став, дали се исполнети условите за одржување на изборите на 5 јуни и дали е спремна да ги прогласи изборите за регуларни, а резултатите за легитимни.
ВМРО-Народна партија која е под силен притисок на домашната јавност за произнесување дали ќе учествува на претстојните предвремени Парламентарни избори на 5 јуни, соопштува дека својата одлуката ќе ја објави после конечно завземениот став на меѓународната заедница по ова суштествено прашање.
