Во однос на активностите што се одвиваат во и околу поранешниот индустриски гигант „Југохром” во Јегуновце, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешната прес-конференција во Влада информираше дека станува збор за редовни активности за чистење на дренажниот систем на пречистителната станица, која МЖСПП ја стави во функција токму за да го заштити излевањето на шестовалентниот хром и да ги заштити изворите на Рашче, со што се овозможува нејзино непречено функционирање.
Министерот, по наводите во медиумите дека „со реактивирањето на депонијата се загрозуваат изборите на Рашче”, нагласи дека додека не обезбедат средства за комплетно чистење на историската депонија во „Југохром” – Јагуновце, МЖСПП ја превзело обврската да ја стави во функција пречистителната станица како некое ад хок решение.
Имено, МЖСПП, како што соопштија оттаму, има склучен договор со „Југохром Алзар” ДООЕЛ Јегуновце, за обезбедување на континуирана работа на пречистителната станица, која се наоѓа во кругот на фабриката, со цел да се намали загадувањето од историската депонија со шествалентен хром, што се наоѓа на околу два километри од пречистителната станица и е во државна сопственост.
Нуредини нагласи дека откако стапи на функција работи на чистење на „жешките точки” во државата, истакнувајќи дека во изминатите 40 години никој не преземал ништо да се решат тие проблеми.
– Базенот во пречистителна станица и пумпната станица на депонијата, се преполнети со мил од испумпањете на исцедокот од дренажниот систем на депонијата и со тоа го отежнуваа работењето на пречистителната станица, а воедно ја оштетува и опремата во целиот систем. Со цел решавање на проблемот и заштита на загадувањето од шествалентен хром на околината и пошироко и спречување на излевањето на загадената вода на површина, МЖСПП објави тендер за чистење на базенот и пумпната станица под депонијата. Како изведувач на јавната набавка се избра компанијата која поседува дозвола за управување со опасен отпад ЕЗО-ТЕХ ДОО Скопје, образложија од МЖСПП.
Од Министерството нагласија дека одговорно тврдат дека тоа што се испушта е милта која е собрана во дренажниот систем и се враќа на самиот извор од каде доаѓа, како единствен безбеден начин. Значи, како што појаснија, милта се враќа на постоечката депонија.