Народната банка во април регистрира годишен раст од 8,6 проценти на вкупните депозити и од 6,3 проценти на вкупната кредитна поддршка. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,6 проценти, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
Годишниот пораст на кредитите од 6,3 проценти е резултат на повисокото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства, информира Народната банка.
Кредитите на домаќинствата, во април, се повисоки за 0,4 проценти и 6,7 проценти, на месечна и годишна основа, соодветно. Растот по двете основи, е резултат на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.
Во април годинава гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,4 проценти и 0,5 проценти, соодветно, при годишен раст од 6,2 проценти и 11,2 проценти, соодветно.
Автомобилските кредити, во април, се намалени за 1,9 проценти на месечна основа, додека на годишна основа се зголемени за 3 проценти. Кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен пад од 0,2 проценти, а на годишно ниво се непроменети. Негативните салда на тековни сметки забележаа месечно зголемување од 0,1 процент, при годишен раст од 1,5 проценти. Кредитите одобрени врз други основи, во април, се пониски за 2,1 процент и 15,9 проценти на месечна и годишна основа, соодветно.