Во Австрија за една недела починаа дури 600 лица од Ковид-19, денес 104 и 6.611 новозаразени

од Vladimir Zorba
222 прегледи

Коронавирусот во Австрија е во смртоносен поход. За само една недела одзеде дури 600 животи. Во изминатите 24 часа починаа уште 104 пациенти од „Ковид-19“, а вкупниот број на смртни случаи во Австрија од почетокот на пандемијата до саботата се искачи на 2.328.

Според податоците на Министерството за здравство, во изминатите 24 часа биле евидентирани 6.611 нови случаи на инфекција со коронавирус. Најголем број нови инфекции има во Горна Австрија (1.569) и Виена (924). Следат Долна Австрија (919), Штаерска (802), Тирол (686), Салцбург (612), Ворарлберг (461), Каринтија (444) и Бургенланд (194).

Во моментов, 76.071 лице активно страдаат од коронавирус во Австрија, од кои 4.597 се во болница, а 697 на интензивна нега. Од почетокот на пандемијата забележани се вкупно 241.294 пациенти, 156.483 излекувани и 2.820.796 тестирани се регистрирани во Австрија, вклучувајќи 33.190 во изминатите 24 часа.

Една надеж крева веста дека параметарот на репродукција во Австрија, што покажува колку едно заразено лице со Ковид-19, инфицира други луѓе, опаѓа во последните две недели и моментално изнесува 1,02. Ова значи дека едно заразено лице инфицира 1,02 понатамошни лица.

Австриската агенција за здравје и безбедност на храна (АГЕС) го толкува овој пад на Р-факторот како „знак на стабилизација“. Оптимизам предизвикува и проценетата стапка на раст на бројот на новоинфицирани, чиј раст минатата недела беше 3,4 проценти, а во моментов изнесува минус 0,8 проценти.

AГЕС смета дека ова е исклучително важна информација што укажува на стабилизирање на епидемиолошката состојба во Австрија. И покрај тоа, добро познатиот австриски вирусолог и портпарол на Владината комисија за корона-семафор, доц. д-р Даниела Шмит посочува дека репродуктивниот број мора да се намали на под 1 со важечките ограничувачки мерки.

Слични содржини