Бугарската царина заплени повеќе од сто килограми хероин во вредност од 4,8 милиони евра, кој е пронајден во автомобил кој од Турција влегол во земјава.
Бугарското обвинителство соопшти дека е приведен 38-годишниот возач Х.А., кој има француско државјанство.Со него патувале неговата сопруга и двете малолетни деца.
Цариниците пронашле вкупно 210 пакети сокриени во подот под предните седишта на возилото и во резервната гума на автомобилот.
Од нив, 209 пакувања содржеле прашкаста материја во светло беж боја која реагирала на хероин при тестирање со теренски тест за дрога, а супстанцата од последното пакување реагирала на хашиш, јавуваат бугарските медиуми.
Запленета е шверцувана дрога, автомобилот, а на возачот му е одредена мерка притвор до 72 часа.