Во Берлин потпишани три договори за поголема мобилност на Западен Балкан

од Nikola Popovski
213 прегледи

Шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина потпишаа три договори на самитот на Берлинскиот процес, чија цел е регионално поврзување и слободно движење на граѓаните од Западен Балкан, особено поголема мобилност на професионалци , студенти, истражувачи и професори.

Премиерите на Србија Ана Брнабиќ, Албанија Еди Рама, Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, Косово Аљбин Курти, Црна Гора Дритан Абазовиќ и Северна Македонија Димитар Ковачевски потпишаа три договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.

Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан.

Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена. и ги укинува постојните давачки за пријавување за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните.

Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Тој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии (акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи) во наредниот период.

По двегодишни преговори, договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската влада на 21 октомври како дел од Берлинскиот процес.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на почетокот на денешниот самит изјави дека договорите се исклучително важни за интеграција на заедничкиот регионален пазар и градење интегрирана заедничка иднина без внатрешни граници.

-Со потпишувањето на трите регионални договори денеска во Берлин направивме голем и сигурен чекор кон зголемена меѓусебна регионална соработка, но и кон ЕУ. Со овие договори обезбедуваме взаемно признавање на високообразовните квалификации во целиот Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и слобода на движење со лични карти во Западен Балкан. Поврзаноста и обединетоста на регионот, како и реформските процеси се клучни за европскиот пат и на Северна Македонија, но и на сите земји од регионот. Она што нѐ зближува, нѐ направи посилни, е нашата посветеност заеднички да се справиме со сите предизвици на европскиот пат, истакна премиерот Ковачевски после потпишување на договорите.

Слични содржини