Германската полиција во Берлин го уапси лицето осомничено за испраќање заканувачки писма со радикално десничарска позадина до политичари и јавни личности од 2018 година.
„53-годишниот осомничен е уапсен во неговиот стан во Берлин. Се сомнева дека тој, под псевдонимот НСУ 2.0, испраќал писма со навредлива и заканувачка содржина со радикално десничарски пораки од 2018 година“, стои во соопштението на Државното правобранителство во Франкфурт кое ја водеше оваа истрага.
Осомничениот, според Министерството за правда на сојузната покраина Хесен, испратил 115 заканувачки писма во кои се потенцира силната десничарска идеологија. Писмата биле испратени до политичари, главно од Партијата на левицата, но и до јавни личности, претежно од странско потекло, во Германија и Австрија.
Авторот се криел зад псевдонимот НСУ 2.0, што е етикета што се однесува на десничарската терористичка организација Национал социјалистички андерграунд (НСУ), во која беа убиени 10 лица, претежно странци, меѓу 2000 и 2007 година, а единствениот преживеан член на таа група беше осуден во 2018 година на доживотен затвор.
Уапсениот и претходно бил осудуван за злосторства со екстремно десничарско политичко потекло.