Во Брисел започна билатералниот скрининг состанок за Поглавјата 14 и 21

од Vladimir Zorba
262 прегледи

Денеска во Брисел на билатералната скрининг агенда започнаа состаноците за Поглавјата 14 и 21 односно „Транспортната политика” и „Транс-европски мрежи”, кои се дел од Кластер 4 „Зелена Агенда и одржлива поврзаност”.

„Транспортната политика претставува еден од најважните столбови за раст, конкурентност и развој на современите економии. Од друга страна, го знаеме значењето и важноста на транс-европските транспортни мрежи, кои ги идентификуваат приоритетните коридори и тематските области на европската транспортна инфраструктура. Ја поздравуваме намерата на Европската комисија да вложи дополнителни напори во развојот на новиот европски транспортен коридор на Западен Балкан.” – кажа во своето воведно излагање пред претставниците на Европската Комисија, Дрита Абдиу-Халили, заменичка на главниот преговарач со ЕУ.

Таа додаде дека Владата активно ја промовира регионалната соработка и поврзување, уважувајќи ја меѓународната димензија на сите видови на транспорт, со посебен фокус на развојот и модернизацијата на нашата транспортна инфраструктура во рамки на транс-европските мрежи.

„Се стремиме да ја подобриме поврзаноста и да го зајакнеме нашиот придонес во европските транспортни коридори. Нашите напори главно се насочени кон изградба на транспортни линии, кои недостасуваат како и рехабилитација на постоечката транспортна мрежа”, укажа Дрита Абдиу-Халили.

Скрининг состаноците за овие две многу важни и обемни поглавја имаат за цел да дадат појасна слика за нашето досегашно усогласување со ЕУ законодавство, осврнувајќи се на спроведените мерки, идните планови и очекуваниот временски рок во кој треба да го преземеме новото европско законодавство во нашата правна законска рамка.

На скрининг состаноците за областите од Поглавјата 14 и 21, кои ќе траат до крајот на работната недела учествуваат претставници од неколку државни институции и тоа: Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот транспортен инспекторат, Јавното претпријатие за државни патишта, Јавно претпријатие за железничка инфраструктура, Државната комисија за спречување на корупцијата и Секретаријатот за европски прашања.

Слични содржини