Британската полиција уапсила албанска банда која киднапирала 30-годишен маж и барала откуп од 400.000 фунти. Албанците ја тепале и мачеле жртвата поради неплатени долгови.
Полицијата од Лондон, британската Национална агенција за криминал (NCA) и албанската полиција спроведоа серија рации минатата недела за да го спасат киднапираниот маж. NCA објави дека пет мажи и една жена се обвинети за киднапирање и закани дека ќе извршат убиство.
Албанската полиција соопшти дека се уапсени седум лица, сите државјани на Албанија, пишува The Telegraph.
Киднаперите го контактирале братот на жртвата и му испратиле видео снимки, по што тој ја повикал албанската полиција. Бандата наводно побарала откуп од 400.000 фунти од семејството и им дала четири дена да ја соберат споменатата сума.
Полицијата го пронашла и ослободила 30-годишниот маж и тој сега е безбеден под полициска заштита.
„Добивме информации за 30-годишен Албанец кој бил киднапиран во Англија и за кого се бара откуп од 400.000 фунти. Албанската полиција разменила информации со Велика Британија, која потоа започнала спасувачка акција“, изјави портпаролот на албанската полиција, Гент Мулаи.