Обвинение против висок државен функционер поднеле бугарски обвинители како дел од истрагата за фалсификување документи, за кои тврдат дека им овозможуваат на странците да добијат бугарски пасоши и слободно да патуваат во Европската унија.

Властите во понеделникот го уапсија Петар Харалампиев, шеф на државната Агенција за Бугарите што живеат во странство, под сомневање за мито и водење организирана криминална група.
Дваесетина лица, исто така, беа уапсени во истрагата, вклучувајќи го и генералниот секретар на Агенцијата, кој се соочува со обвинение за примање мито и незаконско користење влијание.
Обвинителите тврдат дека апликантите претежно се од Западен Балкан, од Молдавија и од Украина и дека плаќале до 8.000 евра за фалсификувани сертификати кои покажуваат дека имаат бугарско потекло.
Со тие документи апликантите може да се пријават за добивање бугарски пасош со кој имаат право слободно да патуваат и работат во 28 земји членки на ЕУ.
Обвинителите тврдат дека не постојат индиции дека такви документи се издадени на странци од Африка, Средниот Исток и Азија. Тие соопштија дека таквата корумпирана пракса датира од јуни 2017 година, еден месец откако Харалампиев ја презеде агенцијата.