Во Бугарија се продаваат органи на богати странци: 50 илјади долари по бубрег на црниот пазар

од Nikola Popovski
837 прегледи

Неодамна во Бугарија беше откриена шема за продажба на органи од украински мигранти на богати странци. Украинскиот портал „Страна.уа“ пишува дека не е првпат граѓаните на оваа земја да се најдат во центарот на скандалот со црниот пазар на човечки органи.

Се покажа дека, според зборовите на новиот министер за здравство на Бугарија, Стојче Кацаров, за две години биле извршени петнаесетина трансплантации на бубрег од живи донатори во поранешната државна болница Лозанец во Бугарија.

Во сите случаи, донатори биле млади жители на Украина и Молдавија, а приматели биле државјани на Израел, Оман и Јапонија.

Со цел да се легализира операцијата, клиниката ги пријавила како роднини.

Примателите на органи платиле 50.000 долари по бубрег, а официјално околу половина од износот е уплатен на сметката на клиниката. Донаторот добил од пет до 15 илјади долари, изјавил бугарскиот новинар Ивајло Јолчев.

„Заради пандемијата, тешко е да се прави бизнис, многу од моите пријатели бараат можност да заработат повеќе и се согласуваат да продадат бубрег, па дури и дел од црниот дроб“, рекла жителката на Лвов, Оксана Федив, која одела во неколку европски земји во последниве години за да заработи дополнителни пари.

Таа вели дека за такво нешто може да се добијат неколку илјади долари, но постои ризик од смрт.

Така, пред две години, во регионот Лвов, дваесетгодишник продал бубрег со цел да организира раскошна венчавка. Младиот човек му рекол на своето семејство дека заминува во странство на работа, донел 15 илјади долари, се ожени, а неколку недели подоцна починал.

На неговото тело е пронајдена лузна, но не е разјаснето кому и каде го продал бубрегот.

Според Вадим Резниченко, експерт за трговија со луѓе и црниот пазар на човечки органи, во таа сфера работат транснационални криминални групи, меѓу кои има и високо квалификувани лекари.

„Поточно, неколку клиники за нелегална трансплантација на органи се наоѓаат во Турција, Кина и Египет“, рекол тој.

Пред две години, главниот лекар на болницата во Шимкент билприведен во Казахстан. Тој е обвинет за нелегална трансплантација на органи. Според истрагата, криминалната група користела Украинци, Узбекистанци и Киргистанци како донатори, додека клиентите биле претежно израелски државјани.

Еден случај бил регистриран во Истанбул кога биле уапсени повеќе од 10 лица, вклучително и Украинци, за планови за продажба на нивните органи.

Слични содржини