Основачот и претседател на Одборот на директори на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, денеска ги поздрави учесниците на состанокот во Давос и предупреди на „критичните предизвици“ со кои се соочува светот денес, како што се вооружените конфликти, екстремните временски појави, дезинформациите, и растечките поделби во општествата и државите.
Тој истакна дека светот истовремено стои на прагот на транзиција од индустриската ера во таканаречената интелигентна ера, каде што вештачката интелигенција и другите револуционерни технологии и иновации суштински ќе ги трансформираат економските системи, деловните модели и личните животи.
„Преминот од индустриско во интелигентно доба се случува со експоненцијално темпо, носејќи невидени ризици за човештвото додека се стремиме да се подготвиме и да се прилагодиме на неговата сложеност. Сепак, тој нуди и значителни можности“, нагласи Шваб.
Според него, треба да се биде „конструктивен оптимист“ и да се посвети на практични решенија за итни проблеми на глобално ниво.
Претседателот на Светскиот економски форум, Борге Бренде, предупреди дека светскиот поредок што владееше во последните триесет години е во опаѓање и дека светот се соочува со огромни предизвици, нагласувајќи дека силата не смее да го замени дијалогот.
Претседателката на Швајцарската конфедерација, Карин Келер-Сатер, ги потсети добитниците на Нобеловата награда за економија во 2024 година, бидејќи, според неа, Дарон Ацемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон докажале дека развојот на институциите е исклучително важен за просперитет на заедницата, наспроти создавањето на олигархија.
Светскиот економски форум ќе трае до 24 јануари, а како што е објавено на веб-страницата на организацијата, меѓу политичките лидери кои учествуваат се и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе учествува преку видео врска, германскиот канцелар Олаф Шолц и други.