Во декември наредната година ќе почне испораката на оклопните возила „Страјкер“ за Армијата

од Radmila Tasevska

Во декември 2024 година треба да започне испораката за 42 лесни оклопни возила „Страјкер“, соопшти денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на брифингот со новинарите. Појасни дека тие ќе бидат испорачани во неколку последователни тури.

-Согласно договорот во шест наврати треба да бидат испорачани, што значи не само што ќе бидат испорачани, туку ќе следи и соодветен тренинг и обука на персоналот, односно на припадниците на Армијата кои ќе управуваат со нив, истакна Петровска.

Во однос на испорака на дополнителна опрема и обука за украинската војска, министерката рече дека на барањето што пристигнало пред повеќе од месец,  по анализите на Генералштабот на Армијата а чиј став суштински е многу битен во одлучување, за жал, овој пат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација, односно во употреба на македонската Армија.

-Успешно заврши првата планирана обука. Засега Република Северна Македонија, Армијата и Министерството за одбрана остануваат отворени доколку во иднина се појави потреба од дополнителна обука на дополнителен број нивни припадници. Но, во овој момент немаме најава, односно немаме конкретно побарување за тоа колкав број припадници на украинската војска и каков вид обука ќе бидат извршени. Меѓутоа, се разбира, доколку пристигне такво барање во координација со ГШ на Армијата ќе одговориме позитивно, нагласи Петровска.

Слични содржини