Во екот на една поинаква предновогодишна еуфорија, туристичкиот сектор и натаму се труди барем минимално да го исполни својот огромен дефицит од Пандемијата, па во овој период активно се вклучени со аранжмани врзани за празниците кои следуваат.
Имено, како што е познато, туристичките агенции речиси и да не беа вклучени во ниту една активност за летото кое измина, а ништо поразлично не е ниту сега.
Побаравме одговор од дел од туристичките агенции за тоа каква е атмосферата и заинтересираноста за аранжмани за Најлудата ноќ во годината, но и за Божиќните денови. Исто така, прашавме и кои се најбараните, но и возможни детинации овој период, како и тоа дали за веќе уплатените аранжмани пред прогласување на Ковид пандемијата, на своите клиенти им ги рефундирале средствата на ваков или онаков начин.
Од туристичката агенција Савана, велат дека аранжмани за празниците кои следуваат има, но земено предвид дека во овој момент тоа е „нужна реалност“, бројката на клиенти и тоа како е на ниско ниво.
„Сметаме дека одреден интерес кај граѓаните, за патување барем до некоја “отворена” туристичка дестинација, каде не се потребни дополнителни тестови и ограничувања, сепак сеуште ќе постои“, велат од Савана.
Идентично на нив, одговори и туристичката агенција Атлас која вели:
„Планирани аранжмани имаме меѓутоа до сега нема никаков интерес кај нашите клиенти“.
И покрај препораките од здравствените власти да не се патува овој период, особено што е во ек вториот и посилен бран од Коронавирусот, сепак граѓаните имаат желба да посетат некоја дестинација.
„Заинтересираност имаме само кај оние кои со одредена цел ( студирање, медицински преглед….) имаат потреба да патуваат“, велат од Атлас.
„Интересот за патување е секако во голема мера намален. Препораките да не се патува надвор од местото на живеење, или пак од земјата поради ризик за заболување од пандемијата, веќе стануваат релативна мерка поради фактот од секојдневното зголемување на бројките во нашето сопствено опкружување“, велат пак, од Савана.
Имено, врзано за најавените ваучери како алатка за рефундирање на веќе уплатените средства од граѓаните за некој аранжман пред прогласување на Пандемијата, од агенциите велат дека дел од тие се искористени, а останатите ќе им останат во можност на граѓаните да ги искористат до крајот на 2021. година.
Угостителско-туристичкиот сектор е значително најпогодениот од оваа криза. Оттаму Владата постојано најавуваше финансиска помош и поткрепа за овие економски фактори, со оглед на тоа дека тие речиси и не остваруваат приход во моментов, а приход нула имаа во неколкумесечниот претходен период во кој како субјекти заработија клуч на врата.
„За жал и покрај низата најавени и објавени мерки за помош, сепак поради некоординираност помеѓу фактичката состојба на теренот и можноста за законско спроведување на планираните мерки за помош, најголемиот дел од туристичките субјекти (туристичките агенции и туроператорите) скоро и да не добија никаква финансиска помош. Ова е особено битно да се истакне, кога ќе се земат в предвид нивните законски утврдени обврски, за понатамошно постоење, посредување и реализирање на севкупниот процес околу искористувањето или рефундирањето на споменатите ваучери на граѓаните“, ни посочија од туристичката агенција Савана.
„Да за жал така е. Користиме субвенции за плати и очекуваме да ни одобрат и грант кој беше најавен како неповратна помош“, споделија од Атлас.
Сепак на крајот, прашани за тоа кои дестинации за патување им се достапни на нашите граѓани, со оглед на фактот дека во повеќето европски и светски земји е неопходен ПЦР тест за влез, од туристичките агенции велат дека Турција како најпримамлива и најоптимална опција за патување останува лидер во изборот на граѓаните, но дека тука се Египет и земјите од Балканот, за кои не е потребен ПЦР тест за влез во земјата.
Имено, граѓаните и покрај препораките сакаат да уживаат во некој ден минат надвор од С.Македонија. Тоа доведува до заклучок, дека интерес има кај оние кои веројатно помалку „се плашат“ од Ковид последиците, но и кај оние кои патувањето им е неопходно односно потреба. Од друга страна, туристичките агенции со право, „се радуваат“ и на овој мал интерес, резимирајќи го наназад сиот период на пад, во кој ретко кој успеа да опстои.
А.В.