Најмалку пет лица, вклучувајќи пожарникари и работници, загинаа, а повеќе од 100 се повредени во експлозија во фабрика во јужен Тајван, соопштија властите во саботата.
Несреќата се случила доцна во петокот во фабриката на производителот на топчиња за голф Launch Technologies Co, лоцирана во округот Пингтунг.
Операциите за пребарување и спасување продолжија во текот на ноќта и во раните утрински часови во саботата, објави државната Централна новинска агенција (CNA). Пожарникарите се уште беа на работа во саботата наутро.
Меѓу петте жртви има тројца пожарникари, еден работник и една работничка, соопшти CNA, цитирајќи ги властите. Покрај тоа, најмалку пет лица, меѓу кои и еден пожарникар, останале заробени на местото на настанот.
Експлозијата предизвика уривање на дел од зградата на фабриката, заробувајќи неколку луѓе под урнатините, јави CNA.
Во саботата десетици повредени лица се згрижени во болница. Локалните медиуми објавија дека бројот на жртви може да се зголеми.
Причината за пожарот и последователната експлозија останува под истрага, соопштија властите.