ВО НОЕМВРИ 2022 година, црквата на Светиот крст – единствената католичка црква во областа Елмшенхаген во германскиот град Кил – беше затворена. „Има и такви кои велеа дека црквата умрела за нив. Не религијата, туку институцијата“, вели Рудигер Кирскотен, кој живее во тој дел од градот со 17.000 жители.
Тој и неколкумина истомисленици залудно протестираа против затворањето на црквата. Овој 79-годишен католик наведува дека дури и му пишале на Ватикан, но ниту тоа не помогнало. Кирскотен живее во таа област од 1980 година. Тој вели дека црквата е изградена во 1956 година во мнозинскиот протестантски Кил за потребите на бегалските католички семејства, пишува Дојче веле.
Цркви без пари
Во Кил слична судбина имаа пет католички цркви. Причината е – немање пари. Во градот, некои црковни згради им отстапија место на станбени области. Има и бројни официјални заминувања од Црквата.
Според црковните податоци, од 2005 година во Германија се затворени 650 цркви. Од 2019 до 2023 година евидентирани се просечно 28 затворања годишно. Надбискупијата Хамбург, на која и припаѓа и Кил, е особено погодена од овој тренд, но финансиски слабите епархии, како Ахен или Есен, се соочуваат со истиот феномен.
Дури и во чисто католичко опкружување, како во Аугсбург, црквите се затворени. Статистиката на католичката црква бележи 500 помалку свети објекти во споредба со претходниот период. Од останатите 24.000 од овие објекти, 22.800 се заштитени како споменици на културата. Ова го отежнува рушењето на напуштените црковни згради.
Евангелистичките цркви, се чини, не се толку силно погодени од овој тренд.
Пусти цркви
Црквите во Германија губат стотици илјади членови секоја година. Минатата година речиси секој втор Германец бил член на една од големите црковни општини. Во 2022 година, над половина милион верници ја напуштија Католичката црква во Германија, што е рекорд.
Пустите цркви понекогаш се рушат. Понекогаш се наоѓаат нови корисници, на пример – православни христијански заедници. Црквите се претвораат во станбени комплекси или старечки домови за стари лица. Некои сега се галерии или се кафулиња или „колумбариуми“ – простории за чување на пепелта на илјадници покојници во урни.
Матијас Селман, католички теолог од Универзитетот во Бохум, вели дека ја гледа потребата од намалување на бројот на цркви, наведувајќи дека одржувањето на една црква чини околу 100.000 евра годишно. А бројот на посетители се намалува: според статистичките податоци, само пет до шест отсто од членовите на црковната општина присуствуваат на неделната миса.