Во Нирнберг е отворен првиот центар за сместување на бегалци хомосексуалци во Германија, со капацитет од осум лица, соопшти Микаел Глас од организацијата иницијатор на проектот.

“Уште никој не е сместен таму, но е прашање на ден или два, просториите се подготвени”, рече Глас кој работи за асоцијација “Фридерлих”.
Четворица од Иран, Ирак, Сирија и Етиопија поднеле барање за сместување во ова засолниште, кое се наоѓа во мала двокатна куќа со можност за прифаќање на осум лица.
Во последната недела на февруари се очекува да проработи и втор ваков центар во Германија. Тој ќе биде во Берлин и во него ќе можат да бидат сместени околу 120 лица.