Во Грција откриени 6 случаи на колумбискиот „Му“ сој

од Nikola Popovski
435 прегледи

Грчката служба за јавно здравје (ЕОДИ) денеска потврди дека открила шест случаи на колумбискиот сој на коронавирус – „Му“, кој внимателно го следи Светската здравствена организација (СЗО) од страв дека може да ја заобиколи заштитата што ја обезбедуваат вакцините.

ЕОДИ објави дека идентификувале два случаи на аеродромот во Атина, два во Арголида на северен Пелопонез и по еден во Атина и Ахаја, исто така на Пелопонез, пренесе „Катимерини“.

Високо заразниот делта сој продолжува да предизвикува најголема загриженост, бидејќи процентот на застапеност на мутираниот коронавирус со потекло од Индија сега изнесува 96,7 проценти, во споредба со 23,6 проценти од почетокот на годината.

Учеството на алфа (британскиот) вирус падна во првата половина на август од 58,3 проценти на 2,4 проценти, додаде ЕОДИ.

Сојот Му, именуван по 12-та буква од грчката азбука, се појави во Колумбија во јануари и беше откриен во 39 земји.