Поради постоење на сомневања за злоупотреба, новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави отпушање на вработени од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, затоа што според утврдените податоци, со години примале плата без да се појавуваат на работа.
-Лицата не доаѓале на работа или го злоупотребувале своето работно место. Во минатото се правеа драми дека се постапува, дека некој се брка, но во суштина се правела само замена. Во овој систем, секој што врши злоупотреби, ќе биде отстранет, изјави синоќа Ѓорѓиевски.
Синдикалците се на ставот дека станува збор за комплексен проблем, при што упатија апел до градоначалникот да седнат на маса и да изнајдат заедничко решение.
Генералниот секретар на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Гоце Делчев Тодев за „Локално“ изјави дека се шпекулира со бројот на отпуштените работници.
Тој посочи дека во ЈП Комунална хигиена – Скопје не се отпуштени 371, туку 90 вработени. Отпуштените 371 се во рамки на сите комунални претпријатија.
-Отпуштените од ЈП Комунална хигиена – Скопје се луѓе кои биле со договор на дело. Договорите им завршиле и сега дури и да сака, градоначалникот сигурно нема да им ги продолжи, врз основа на се тоа што не се работело до сега, посочи Делчев Тодев.
Тој додаде дека КСОМ крајно сериозно и многу отворено ги следи сите состојби во градот.
-Вчера случајот со најавите на новиот градоначалник за отпуштање на работници предизвика бурни реакции, ми се јавуваа адвокати, во однос на тоа како можат да ги заштитат избрканите вработени, вели Делчев Тодев.
Тој информираше дека во моментот околу 1800 луѓе се на платниот список на Комунална хигиена Скопје, а тоа е за 800 повеќе од онаа бројка која е вметната во физибилити студија, во насока на тоа со колку вработени може да да функционира претпријатието по сите параметри.

Ова е, како што вели, резултат на партиските вработувања кои се таложат од 1991 година.
-Огромен број на работници кои се членови на КСОМ ми велат „Гоце, овде има луѓе кои ние не ги познаваме и немаат возачки дозволи, а одговараат за возила во вредност од стотици илјади евра. Немаат поим за што се вработени, вели Делчев Тодев.
Тој додава дека токму поради вработувања од ваков тип, градот е во смет.
-Имаме 1800 работници, а градот ни е хаос, дозволивме да се шетаат глувци низ Скопје, посочи генералниот секретар на КСОМ.
Тој е на ставот дека новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски не може да се справи со состојбите, доколку не го слуша гласот на синдикалците.
Испрати апел до Ѓорѓиевски да седне со синдикалците во обид да се изнајде заедничко решение.
-Треба сериозно да се седне и да се разговара. Ние на градоначалникот му стоиме на располагање како КСОМ, меѓутоа претпоставувам дека му стојат на располагање и останатите синдикати во рамките на претпријатието и час поскоро да воведеме нова систематизација, рече генералниот секретар на КСОМ.
Б.Т.