Британските здравствени власти итно истражуваат редок случај на вирусот на детска парализа во примероците од отпадни води во Лондон. Британија е без случај на оваа болест повеќе од две децении.
Бројни примероци од пречистителната станица за отпадни води Бектон во Њухам, источен Лондон, биле позитивни на вирусот на детска парализа, објави вчера Британската здравствена агенција (УКХСА).
Полиовирусот изведен од вакцина (VDPV) е сој на ослабен вирус кој првично бил дел од оралната вакцина против детска парализа (OPV) и кој со текот на времето се променил и почнал да се однесува како природен.
УКХСА сега се обидува да утврди дали VDPV започнал да се шири во заедницата. Агенцијата прогласи национален здравствен случај и ја информираше Светската здравствена организација (СЗО), пишува CNBC.
„Итно истражуваме дали се случил пренос и побаравме од Британската национална здравствена служба (NHS) да пријави какви било сомнителни случаи“, рече епидемиологот Ванеса Салиба од УКХСА.
Полиовирусот, еден од ентеровирусите, е редок вирус кој повремено може да предизвика сериозни болести, како што е парализа, кај оние кои не биле вакцинирани. Болеста беше честа појава во Европа во 1950-тите, но во голема мера беше успешно искоренета по програмата за вакцинација.
Велика Британија го имаше последниот случај на детска парализа во 2003 година.