Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против А.Д. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.
На 31.12.2024, комисија формирана за вршење годишен попис во ЕВР Карпош извршила попис и броење на оружјето во магацините за оружје, за кои била задолжена полициската службеничка А.Д.. По извршениот попис, било констатирано дека недостасува една автоматска пушка од главниот магацин за оружје во Полициската станица Карпош, сопственост на Министерството за внатрешни работи.
Исто така, на 11.01.2025 повторно била извршена контрола во магацинските простории во Полициската станица Карпош во присуство на раководните полициски службеници во станицата и од Одделот за внатрешна контрола, при што повторно било констатирано дека недостасувала една автоматска пушка и дека пристап до клучот за магацинот имала само ракувачот со материјално -технички средства на Полициската станица Карпош, пријавената А.Д..
Со овие дејствија пријавената го сторила делото за кое е поднесена пријавата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и полициската службеничка ќе биде суспендирана од своето работно место до завршување на дисциплинската постапка.