Во Македонија по 80 години не треба да живееш – мемоарите на македонски пациент

од Vladimir Zorba
136 прегледи
Во продолжение интегрално ви пренесуваме писмо од наш читател во кое го споделува трауматичното искуство при користењето на услугите од македонските здравствени установи, кој побара да ја задржи својата анонимност.

       Многу ме интересира кој во оваа држава им дал моќ на здравствените работници да одредуваат колку е вреден еден човеки живот. Кој им дал моќ да одредат дека некој е стар и нема потреба да живее, ниту да се трудат да го спасат. Кој е тој глупав муабет – човекот има години? Ако некој има години, што треба да се стори, да го пратиме со сила на оној свет, затоа што нé мрзи да ја работиме работата? До каде ќе се оди со ваквото размислување?

Нашето здравство е тотална катастрофа. Последниве неколку месеци се случија неколку работи, поради кои бевме приморани да имаме одреден контакт со државните здравствени институции, па се уверив.hospital pt handssm

    Еве, да почнам како млада личност во 20-тите години, имав таква чест и привилегија да лежам во болница. Ништо од долунаведеното не е хиперболизирано.

Прво, бев хоспитализирана во 4 и пол ноќта, за сабајлето во 8 часот да дојде личност и да ми се дере, ама баш дере, со кои тоа алишта мене ме донеле во болница… затоа што ти треба секогаш да имаш торба спремна со алишта, пижами, гаќи, целосно спремна за во болница и да си ја носиш со тебе секаде. Не смееш да излезеш од работа и така облечен да завршиш во болница. Ти следува викање, па кога ќе образложиш и ќе се оправдаш, тогаш ти даруваат ноќница исфлекана со сé и сешто.  Многу нормално ќе одбиеш да ја облечеш и малку ќе влезеш во конфликт со човекот.

Одиме понатаму. Сé ова се случуваше во рок од 3 дена.

Многу фино и културно побарав од докторот да го забрза течењето на инфузијата за да можам да си ја поместам пелената. Искрено, јас уживав да вршам физиолошки потреби во пелени, па не можев да дочекам да заврши да ми тече инфузијата, за да си го зголемам уживањето. Па ајде, затоа што беше љубезен докторот ме послуша, дојде, и ја забрза инфузијата со тоа што ѝ удри бокс. Токму така. И со неговиот другар се газеа од смеење. Овие двајца малоумници утре ќе бидат специјалисти. Да му е мерак на човек да лежи во болница и да биде третиран од нивна страна.

Од истите господа, кога сред ноќ се побара да стават инјекција заради неиздржливи болки, се доби одговор дека моментално било доцна и ги мрзело.

На жена со една онеспособена рака, приморана сите функции да ги врши со другата рака, на којашто воедно и течеше и инфузија, драгиот господин викаше по неа како можела да ѝ испадне канилата… тој зарем 2 пати во денот ќе ја боцкал? Мислам, како е можно тоа? Цели 2 пати, еј. Ама што ти е гајле што е со една рака бре, нека си пази. Да не заборавам да го споменам моментот што вториот пат, од што беше преморен од викање, ѝ ја престегна раката со фластерот и ѝ ја запре циркулацијата. Тотален идиот. Потребна е една минута да стави нова канила како што треба, тој изгуби 5 минути во викање, и си отвори уште 5 минути работа со тоа што погрешно ѝ ја стави. Од 1 до 10 колку треба да си глупав бе, да не сфатиш дека сам си правиш полошо? 11.bolnica

Па тоа им паѓааат ракавици, шприцови по земја… ама зошто да се наведнат да го соберат ѓубрето кога тие учат за доктори, тоа собирање ѓубре е работа на чистачките, затоа што на одредени луѓе им е под ниво да се наведнат да кренат нешто што им паднало. Јас тотално ги сфаќам. Греота се. Немаат трошка памет.

Па, се лепат фластери директно на сошиени рани, што ќе ти е газа, тоа е трошок бре, па се ставаат гипсови на отворени рани, поткожни инјекции се боцкаат мускулно, што има врска, ќе отиде каде што треба, за да ти земат крв те боцкаат минимум 3 пати, па кога ќе се направи локва крв на чаршавот доаѓаат до многу добар заклучок: Ееејјј крв.

Еј стварно. Еурека. Ама тешко им е, ти си носиш поголем дел од вината затоа што вените не ти давале крв. До твоите вени е проблемот.

Другите работи може накратко да се споменат, затоа што ако продолжам со образложување ќе напишам цел роман. Како, на пример, со повреда на глава те носат од една во друга зграда…. што е битно дали врескаш, дали имаш потрес, дали те боли… само таму работи компјутерот. Соодветна опрема во болница немаме, ама имаме фонтани за бањање колку сакате, па не би требало да се жалиме. Биди среќен со тоа што го имаш.

Знаете како дома за да заспиете броите овци, така кога ќе си заспивате во болница ќе си броите бубачки и ќе играте игра, ако заспијам колку бубачки ли ќе голтнам вечерва, 3, 5, 10? Бинго!  Барем забавно е одењето на спиење и бенефиција плус е што не се будиш гладен.

Сакате ќебе за да ве покријат, ако ноќеска пристигнете по камен ладно таму… ама ајде, што ќе ви е па тој луксуз, на ладно се добива имунитет, доколку не сте информирани. А, ако ептен сакате да се згреете ќе си позајмите некој споменик со вас во кревет, ќе си го гушнете и додека сте во посттрауматски шок ќе си се греете на тој начин. Ќебињата не се веќе во мода. 21 век сме. Мислам хелоу.

Никој, апсолутно никој не оди во болница затоа што му е мерак. Никој не оди затоа што сака да си полежи малце и да јаде болничка храна. Секој што е таму е затоа што маката го натерала.

     Како може, од друг град итно да праќаат 85 годишен човек во Скопје, затоа што нели метропола, јаки болници и сé тоа… а во болница велат – па нема место, од друг град е, плус стар е. Каде бре идиоти ниедни со тој глупав муабет. Сигурно така им викаат и во Англија, Германија и сите други земји на луѓето. Ок, си го земаме дома, по некој ден викаме брза помош затоа што човекот се онесвести, ја удри силно главата… ама зошто бре да се побрза кога човекот имал години. Па тоа кога викаш брза помош колку е забавно, ти плачеш, они интервју ти прават. Години, висина, тежина, па пак години затоа што се многу битен фактор и на крај прашањето – ама дали сте сигурни дека ја удри главата… како да ти кажам, лажам дека си ја удри главата, ама сакам да дојдете да запознаам некој убав доктор да се омажам. Пристигнуваат, секако ќе трчаш да ги пречекаш на километар-два од куќата, затоа што познавање на адреси не е потребно. И доаѓаат и се поставуваат со став ДЕ ШТО ПЛАЧЕШ, ЧОВЕКОТ Е СТАР ВО ГОДИНИ. Као работава џабе нé замарате и да си умре, не е голема работа, проживеал. Глупава ниедна, јас не те викнав тука да ми кажеш колку години има човекот, туку те викнав да си ја работиш работата.ambulanta

На прашањето што им беше поставено, што треба да се стори за да човекот го примат малку во болница да го опорават, бидејќи не боледува од смртна болест туку едноставно е потребна краткотрајна, но неизбежна, поинтензивна медицинска нега за да не се предизвикаат катастрофални последици, добивме одговор: Епа искрено, треба да си најдете врски. Што треба да прават обичните смртници што немаат врски? Ништо. Ќе си плачат деноноќно.

Абе никакво оправдание не прифаќам, ниту дека биле недоволно платени, впрочем која бре работа во нашава држава е доволно платена? Ниту пак дека се изморени, или дека цел ден гледаат болни луѓе. И мојата работа е со луѓе и болести и морам да си ја сработам како што треба, за да можам навечер да спијам мирно. Се работи за човечки животи, а тоа си го сфаќаат како мала работа. И никој, никој на овој свет нема право да одреди колку на еден човек му е доста живеење. Треба да се стори сé што е во моќ на лекарот, сестрата, достапноста на лековите, за да се спаси нечиј живот, а не да се кажуваат глупави правила како доста било, личноста доволно проживеала. Многу ме интересира дали и за нивните баби и дедовци, за нивните родители, ќе го повторат истиот муабет? Како ќе им биде ако јас отидам кај нив дома и им го кажам тој муабет за нивните блиски? Доста им беше, имаат години, не плачи, нека си умрат.

     Како ќе одиме напред, кога медицинската сестра лагано си седнува на столче, не можеле човекот да го изнесат од дома, до возилото незгодни биле скалите, па на домашните им доаѓа идеја да се изнесе човекот во ќебе како носилка, идеја на која се согласуваат, во меѓувреме, цела потресена им давам информација дека има декубитус на ногата од дијабетес и дека раната треба да се преврзе, затоа што ќе се инфицира и добивам одговор – да да, треба да се направи тоа. Но, фала Богу, не станува сестрата, туку јас, расплакана и потресена го направив тоа. И повторно ноќта не го примаат во болница со муабетот стар е, тоа што ќе се прави во болница може да го правите и дома. Мислам… сериозни ли се бре? Човек со 32 единици шеќер во крвта, со дупка рана во ногата, со слабо срце, неспособен да се движи, со скоро целосно изгубен вид не го примаат затоа што дома ние ќе сме го правеле истото. Затоа што секој човек во земјава беше на обука и знае како да стави катетер, како да стави инфузија, како да боцка, како да чисти и преврзе рана, како да храни човек со дијабетес. Секоја нормална држава ќе го хоспитализираше, ќе ги вратеше вредностите на шеќерот во некоја нормала и човекот ќе зајакнеше и ќе застанеше на нозе. Ама ние сме Македонија. Во Македонија после навршување 80 години не треба да живееш. Не треба да си го цениш животот.

По 2 дена повторно се случува немила случка, прекин на дишење, температура, гушење, изнемоштеност. Ајде повторно брза помош… овој пат нема надеж да се носи во болница, туку викнати се чисто да го боцнат за температурата, затоа што не беше способен во моментот да голтне апче за малку да живне човекот и да го издржи тоа што му се случува. Им ја објаснуваме целата дијагноза, дијабетес, декубитус, притисок, слабо срце, температура, тахикардија… ама докторот рече да го прегледал, па ќе ни објаснел што е работата… И ајде, чекаме…  Неговото објаснување беше…Е па има дијабетес, температура и тахикардија. Температурата ги влошува работите. Абе да не знае човек со што да го тресне по тоа главата глупава. Гледа дека животот му виси на конец, дека цела фамилија е околу него и плаче, и ми го повторува истото она што веќе го знаеме. Му боцна еден кетонал и неговата моќ била толку. Нема моќ да боцне нешто за да се успори рботата на срцето. Да го носеле во болница бил стар, џабе било. Додаде само да се молиме да биде подобро… Потполна нечовечност.Patient sitting on hospital bed --- Image by © Darren Kemper/Corbis

     Не е дека немам разбирање, луѓе се, изморени се, со проблеми се. Ама сите сме. Сите имаме професија, работа и мора да ја работиме како што треба. И продавачите се изморени, чистачите, банкарите, професорите. Сите сме изморени. Но, не секој може да одлучува за судбината на една личност. Ако луѓето не почнат секој ден да се трудат да стануваат подобра верзија на личноста која биле претходниот ден, нема да одиме далеку, само повеќе ќе одиме во пропаст.

Кога некој одбрал да биде во медицината бранша, треба однапред да го знае данокот што си го зема таа професија. За да бидеш добар медицински работник треба да си човечен, хуман, емпатичен, сочувствителен, полн со разбирање, трпелив. Треба во голема доза и да си психолог. Да знаеш како треба да постапиш во сите моменти. Да имаш контрола во секоја ситуација што може да се случи. Да знаеш како треба со луѓето. Посебно со стресени, тажни, вознемирени луѓе. Да бидеш добар и да сакаш да помагаш. Ти си одбрал да бидеш хуман, да бидеш човек што ќе спасува животи, да носиш бел мантил. Треба со целото срце да ја сакаш истата таа работа, за да можеш да ја вршиш како што треба. Овие карактеристики ги поседуваат само пет од дваесетина луѓе со кои јас имав контакт. И сé додека мнозинството е вакво какво што го опишав не може да се оди напред. 5 добри луѓе, доктори, не можат да ја постигнат работата на тие 15 што забушаваат и се вработиле на еден или друг начин…

И сега еве, седам, плачам, куцам и се молам на мојот дедо да му е подобро, затоа што тоа е единствениот начин на кој можам да му помогнам. Да се молиме. Затоа што сме повеќе луѓе, па можеби и молитвите ќе ни бидат слушнати.

И после некој ќе ти каже треба да си ја сакаш државата. Да, ќе ја сакам. Од далеку.