Очекуваме во март да го потпишеме договорот за почнување на изградбата на интерконекторот со Грција, изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека тендерската документација е завршена, како и дека е избрана компанија со најдобра понуда.
– Но исто така ќе ми дозволите да кажам една убава вест, а тоа е дека конечно очекуваме во март месец да го потпишеме договорот за почнување на изградбата на интерконекторот со Грција бидејќи тендерската документација заврши. Имаме компанија која што има најевтина цена, најдобра понуда. Имаме зелено светло од банките коишто го финансираат – ЕИБ и ЕБРД така што очекувам и од тука да влеземе со уште една можност, а тоа е конечно јужниот интерконектор да биде функционален и оперативен. Тоа е од прилика три милијарди нормални метри кубни годишно, рече премиерот вечерва на прес-конференција во Владата на која најави мега-инвестиција од над милијарда евра во гасни централи од турската групација „Казанчи Холдинг“.
Северниот интерконектор, пак, како што кажа Мицкоски, е дел од проектите кои ќе бидат финансирани во Планот за раст кој беше донесен од страна на ЕУ.