Во недела во Велика Британија национална минута молк поради смртта на кралицата Елизабета

од Stefanija Kuzmanovska

Во Велика Британија на 18 септември, ден пред погребот на кралицата Елизабета Втора, ќе се одржи национална минута на молчење, соопшти денеска британската влада.

Во недела во 20 часот по локално време ќе се одржи едноминутно молчење и ќе претставува заеднички национален момент на тага и сеќавање на кралицата, се вели во соопштението, пренесува Би-Би-Си.

Моментот на жалост и давање почит на починатата кралица може да се одржи приватно меѓу семејството или со пријателите и соседите на улиците или на кој било настан организиран од локалната заедница, објасни владиниот портпарол.

Кралицата Елизабета почина на 8 септември во Балморал. Погребот ќе биде одржан на 19 септември.

Британската влада претходно објави дека периодот на национална жалост за кралицата Елизабета Втора ќе трае до крајот на денот на нејзиниот погреб, додека од Бакингемската палата изјавија дека периодот на кралска жалост ќе трае до седмиот ден по погребот на британската кралица.

Слични содржини