Во земјите од Европската унија во ноември се регистрирани 869.816 нови патнички автомобили, што е за 1,9 отсто помалку во однос на истиот месец лани, објави Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).
Резултатот е понеповолен отколку во октомври, кога на годишно ниво растот на нови регистрации на автомобили е забележан за 1,1 отсто.
Ноемвриските резултати од главните европски пазари укажуваат на остар пад на продажбата на автомобили од годишно ниво во Франција за 12,7 отсто и во Италија за 10,8 отсто, додека пазарот во Германија стагнира, а раст е забележан само во Шпанија, од 6,4 проценти.
Во ноември, најголем удел на нови хибридни електрични возила (HEV) е регистриран со 33,2 отсто, по што следат возилата на бензин со 30,6 отсто, електричните возила на батерии (BEV) со 15 отсто и автомобилите на дизел со 10,6 отсто.
Бројот на регистрирани електрични возила на батерии во ноември падна за 9,5 отсто на годишно ниво, на 130.757 автомобили, пред се поради падот на регистрацијата на новите BEV во Германија, за 21,8 отсто и во Франција за 24,4 отсто.
Ако ги анализираме податоците за првите единаесет месеци од 2024 година, ќе заклучиме дека бројот на нови регистрирани автомобили во Европската унија се зголемил за 0,4 отсто на годишно ниво на 9,7 милиони возила, според ACEA на нејзината веб-страница.
Од јануари до ноември во Европската унија се регистрирани 1.303.686 нови електрични возила на батерии, што е за 5,4 отсто помалку во однос на истиот период лани.