Во Општина Центар денеска згрижени над 1000 деца

од Маја Анчевска
419 прегледи

Сите деца кои денес се дојдени во училишта се вклучени во редовниот образовен процес. Дел од наставниците штрајкуваат, додека останатите се грижат за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес, велат за „Локално“ од Општина Центар.

Тие се децидни дека вработените сами одлучуваат дали ќе застанат во одбрана на барањата на СОНК.

– Општина Центар не може да брани или да напаѓа нечии права.Ние, како одговорна општина, не вршиме никаков притисок врз никого. Нам ни е важно децата, по двегодишната пауза поради КОВИД – 19 пандемијата, да продолжат со редовниот образовен процес, додаваат тие.

Тие апелираат родителите да не им го одземааат правото на основно образование и образовен процес, особено по долгата пауза која децата ја имаале поради коронавирусот.

– Во нашите градинки нема притисок ниту од општината, ниту од СОНК, функционираат нормално и во текот на денешниот ден се згрижени повеќе од 1000 деца, велат од Општина Центар.

Градоначалник на Општина Центар, Горан Герсимовски на неговиот Фејсбук профил напиша дека отсекогаш  ја поддржувал борбата на работниците за остварување на своите права, но уште повеќе ги поддржува правата на децата.

– Едно од главните, со закон загарантирани права на децата е правото на основно образование. Затоа апелирам до сите родители да ги пуштат своите деца во училиште, што е и нивна законска обврска, каде наставниците кои не штрајкуваат ќе им обезбедат непречена настава. Да не дозволиме, по двегодишното отсуство од училиште поради КОВИД 19 пандемијата, на нашите деца дополнително да им го одземаме правото на образование, напиша градоначалникот на Општина Центар.

Од Министерството за труд и социјална политика информираа дека од вкупно 75 Јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 Јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од  СОНК.

– Само во една односно во ЈОУДГ „Детска Радост“, Гази Баба, Скопје, воопшто во текот на денот не се згрижуваа деца, а во ЈОУДГ „Пролет“ Карпош, се згрижуваа деца само во еден објект. Во сите останати предучилишни установи и покрај одржување на штрајкот на вработените во градинките, непречено се одвива згрижувањето и воспитанието на децата.Целокупната состојба на терен потврдува дека установите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и ја обавуваат дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и при остварувањето на правото на штрајк обезбедуваат непречено одвивање на дејноста, соопштија од министерството.

М.А.

 

Слични содржини