Постојат неколку членови кои треба да се доработат – вака изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска за предлог-законот за средно образование кој на крајот на годината беше повлечен.
Како што информира, тој ќе биде готов во втората половина од месец јануари и потоа ќе биде вратен во Собранието.
-Го доработуваме законот. Имаме неколку членови. Во моментов раазговараме со нашите коалициски партнери, но, јас повеќе пати кажав, дека како одговорен министер, ова го повторувам повеќе пати и како одговорна Влада нема да дозволиме политиката да ги запре процесите во образованието. Оттука сметам дека не е голема греда тој член и да се изостави особено затоа што во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат. Јас искрено се надевам во идни времиња ќе се почувствуваме како граѓани на една единствена држава и сите ќе ги почитуваме симболите на нашата заедничка држава и дека тоа нема да биде проблем, вели министерката.
Јаневска денеска информираше и дека образованието во 2025 година ќе се финансира со буџет од 38 милијарди денари. Предвидени се повеќе пари за капитални инвестиции со кои ќе се поддржи процесот на оптимизација на училишната мрежа, повисоки плати за наставниците во основните и средните училишта, но и за вработените во високообразовните установи. Ќе се унапреди ученичкиот и студентскиот стандард, а средствата за наука речиси двојно се зголемуваат.
Од ДУИ велеа дека овие одредби претставуваат отворен напад врз темелите на меѓуетничката еднаквост и обид за воспоставување етничка доминација, што е во спротивност со духот и целта на Охридскиот договор. Пратеникот на Европскиот фронт, Блерим Беџети изјави дека предлогот- законот е повлечен благодарение на реакцијата на народот, а не поради желбите на владеачките партии.
На почетокот и на крајот од учебната година, при завршувањето на средното образование, при одбележување на патронатот, како и при други прослави, треба да се интонира државната химна. Ова го предвидуваше новиот Закон за средно образование. Министерката за образование претходно истакна дека интонирањето на химната не е задолжително. За пуштање на химната ќе одлучуваат институциите под чија капа се училиштата, односно општините и Град Скопје.