Во текот на својот престој во Србија, министерот Бујар Османи реализираше одвоени средби и со претседателот на Народната Скупштина Ивица Дачиќ, како и со претседателката на Владата, Ана Брнабиќ.
На средбата во Владата, министерот Османи ја пренесе подготвеноста за реализација на Третата заедничка седница на двете Влади, како дополнителен позитивен импулс за натамошниот развој и интензивирање на односите и севкупната соработка меѓу двете земји.
„Убеден сум дека заедничката седница на Владата ќе претставува потврда на блиските односи, но и одлична можност да се интензивираат иницијативите за поголема соработка во економијата, инфраструктурата, енергетиката како и сите останати аспекти кои ја детерминираат динамиката на односите меѓу двете земји“, изјави за време на разговорите Османи. Беше направен осврт и на политичките и економски односи и соработка, регионалната соработка и ЕУ интеграциите.
Во рамките на посетата на Парламентот на Србија, Османи беше примен од претседателот на Народната Скупштина, Ивица Дачиќ, каде се разговараше за интензивирање на интер-парламентарната соработка, при што беа посочени бројни можности за унапредување на истата меѓу највисоките законодавни тела, преку конкретни и заеднички активности помеѓу групите за пријателство во парламентите на Северна Македонија и Србија.
Во рамките на работната посета на Белград Османи оствари средба и со Претседателот Вучиќ, како и својот хомолог Никола Селаковќ. На маргините на посетата на Белград, Османи даде интервју и за реномираниот дневен лист Политика.