Неверојатно скромниот процент кој државата го издвојува за научно истражувачката работа, оваа година се намали на апсурдни 0,28%, односно е за 0,11% понизок од 2018 година. Изразено во бројки, оваа сума со предложениот ребаланс на буџетот изнесува 1.236.000 евра, и тоа на ниво на цела Македонија. За тоа што може да се купи за овие пари кој е еднаков на износот на еден од тендерите со помала вредност во државните институции, „Локално“ разговараше со проф. д-р Владимир Ивановски, Продекан за меѓународна соработка, научни и апликативни прашања на Природно-математичкиот факултет – Скопје.
„Со овие средства се сеќавам дека на времето можеше да се набави инструмент за нуклеарна магнетна резонанца со добра резолуција, инфрацрвен спектрометар за научни истражувања, рамански спектрометар и рендгенски дифрактометар за испитување монокристали, односно да се оспособи солидно една лабораторија за испитување на материјали’’, вели Ивановски.
Проблемот со хроничниот недодостиг на финансии го детектира во поставеноста на целокупниот систем и приоритетите на државата.
„Науката е скапа работа и плодовите се гледаат на долг рок, после десетици години вложување. Имам чувство дека на науката не и се посветувало доволно внимание, од причина што во основа се уште не е разбрано на кој начин науката би се искористила за бенефит на државата“, посочи Ивановски.
Оттука, како логичен се наметнува заклучокот дека во постоечките услови, со наведените буџети за наука и истражување е прилично тешко да се развива наука која би држела чекор со европската и светската наука. Наука во Македонија се работи вели Ивановски и тоа е базирано на ентузијазам во комбинација со некаков профитен дел, но доколку не постои стратегија и акционен план за научно-истражувачка работа, науката и истражувањето во Македонија ќе тапка во место, како што покажуваат многу индикатори, заклучува тој.
Минатата 2020 година заврши со рекордно низок државен буџет за наука. Дали веќе сега може да се направи анализа за годинава која е во тек, особено ако се земе предвид фактот дека со предлог ребалансот на буџетот се кратат 14% од високото образование?
-Не би можел да направам детална анализа за двата квартала од 2021 година и за целото високо образование, но јас погледнав на страницата на министерството за финансии, каде на транспарентен начин се прикажани буџетите за секој раздел. Министерството за образование и наука е под број 16001 и буџетите на МОН, од 2018 до 2021 (т.е. пред, за време и да претпоставиме пост пандемски) изразени во илјада денари по години се следниве: 2018 год. 21.040.196 (20.086.083 – со ребаланс), 2019 год. 26.096.948, 2020 год. 26.097.559 (25.491.377 – со ребаланс), 2021 год. 27.142.262 (27.154.081 – со ребаланс). Во овие средства влегуваат огромен број на програми, потпрограми, категории и ставки како плати за основно, средно, високо образование, капитални инвестиции, средства за полагање матура и што уште не. Што се однесува до буџетите за Научно истражувачка работа како потпрограма на програмата наука, за истите периоди тие се: 2018 год. 95.000 (78.000 – со ребаланс), 2019 год. 92.300, 2020 год. 65.620 (64.270 – со ребаланс), 2021 год. 80.500 (76.050 – со ребаланс). Од горните бројки следува дека во 2018 МОН имал најмал буџет, и вистина е дека после ребалансот во 2020, споредбено со 2019 и 2021, буџетот на МОН бил најмал, но тоа веројатно се должи на пандемијата од COVID-19. По апсолутна вредност може да се види дека после ребалансите, оваа година се достапни 11 780 000 денари повеќе од минатата, односно околу 190 000 Евра повеќе.
Добро е можеби да се види колкав дел од вкупните средства на МОН отпаѓаат на Научно истражувачка работа. По години, од 2018 до 2021 процентите се: (2018) 0,39 %, (2019) 0,35 %, (2020) 0,25 % и (2021) 0,28 %.
Што да речеме може да се купи со 76.050.000 денари (околу 1.236.000 евра), колку што е буџетот за наука и истражување на ниво на цела Македонија, со ребалансот во 2021. Со овие средства се сеќавам дека на времето можеше да се набави инструмент за нуклеарна магнетна резонанца со добра резолуција, инфрацрвен спектрометар за научни истражувања, рамански спектрометар и рендгенски дифрактометар за испитување монокристали, односно да се оспособи солидно една лабораторија за испитување на материјали.
Минатата година не беа предвидени пари за издавачка дејност, односно за печатење на научни книги. Каква е сега состојбата?
-Во програмата за научно-истражувачка работа за 2021 година, постои ставка издавачка дејност за финасирање на печатење на научни книги, со буџет од 16.000 илјади денари во делот на договорни услуги. Останатиот дел од литературата, како учебници и учебни помагала е пренесено на универзитетите, како и факултетите во нивни рамки, доколку постојат средства за истото. МОН од друга страна финансира и „превод на книги од реномирани автори“, за што во 2020, колку што можев да видам, во буџетот имало 40.200 илјади денари. Оваа 2021 година на располагање се 106.100 илјади денари по истиот основ.
Што станува со делот за објавување на научни трудови во странски списанија со импакт фактор? Колку е реално возможно тие во вакви услови да се објавуваат ?
-Видете, од моето досегашно искуство, реномираните списанија со фактор на влијание (impact factor) до пред пет-шест години во областа на хемијата и вибрационата спектроскопија беа оние во кои авторот/авторите не плаќаа, туку правото се пренесуваше на издавачката куќа. Дури се сметаше дека ако за печатење треба да платиш, тогаш тоа списание има пониска вредност, бидејќи во тоа време се појавија голем број на списанија со отворен пристап (open access) со сомнителен квалитет. Денес односот кон печатењето се менува. Голем број од реномираните списанија имаат хибриден пристап (со плаќање и без) или целосно преминуваат кон списанија со отворен пристап каде треба да се плати за да се печати. Не само тоа, туку Европската комисија полека но сигурно фаворизира принцип на отворена наука и со тоа печатење во ваков тип на списанија. Цената по статија во просек е меѓу 500 и 1000 евра. Се разбира, ова е висока сума имајќи предвид дека национални проекти од каде делумно и би можело да се покрие овој трошок веќе десетина години не се финансираат. Од друга страна меѓутоа, колку што можев да видам, МОН распишува конкурси за покривање на овие трошоци за печатење во списанија кои се покриени со базите на Web of Science и Scopus.
Проблемот меѓутоа не би го лоцирал само во тоа дали има средства за печатење, туку во немањето на средства за истражување и со тоа добивање на резултати кои понатаму би се печателе.
Имајќи го предвид фактот дека Македонија издвојува 0,2 % од БДП за научно- истражувачката дејност , како логично се наметнува прашањето на што најмногу се трошат овие пари? Кои се приоритетните активности и области кои први се покриваат?
-Што се однесува до процентуалното издвојување за наука од БДП и да се види дали се тоа 0,2 %, добро е да се проверат податоците на Државниот завод за статистика. БДП за 2020 бил проценет на 664.010.000 илјади денари. Според тоа, Македонија за МОН во 2020 издвоила 3,84 % од БДП, додека за научно истражувачка работа 0,03 % од БДП. Сега, на што побрзо да се потрошат овие прилично ниски средства, а да се постигне максимален резултат во науката е прашање за структурите кои овој буџет го планираат.
Каде го лоцирате проблемот? Дали во незаинтересираноста на надлежните, системот на финансирање..?
-Проблем е веројатно во поставеноста на целокупниот систем и приоритетите на државата. Науката е скапа работа и плодовите се гледаат на долг рок, после десетици години вложување. Ова во смисла дека плодовите од науката треба да ги уживаат компаниите, кога станува збор за технолошки развој на истите; резултатите поврзани со заштита и развојот на екологијата важни за државата и развој на нови и напредни медицински техники кои ќе се користат во јавното здравство; современи и нови пристапи во земјоделството и шумарството; студенти од странство кои сакаат да студираат на престижни универзитети во нашата земја кај добро потковани и меѓународно познати научници, итн. Имам чувство дека на науката не и се посветувало доволно внимание, од причина што во основа се уште не е разбрано на кој начин науката би се искористила за бенефит на државата.
Колку е реално тешко во постоечките услови да се развива науката, да се реализираат истражувања? Имате ли можеби подршка од странство, преку меѓународни проекти?
-Во постоечките услови, со наведените буџети за наука и истражување е прилично тешко да се развива наука која би држела чекор со европската и светската наука. Наука во Македонија меѓутоа се работи и тоа е базирано на ентузијазам во комбинација со некаков профитен дел. Истото се остварува преку меѓународни соработки, престои во странство, проекти финансирани од странство, учество во меѓународни проекти, итн. Ваквата активност, покрај тоа што овозможува личен научен напредок, исто така ја подобрува истражувачката структура на лабораториите, во смисла на кадар и инструментација, а честопати носи и личен финансиски бенефит. Меѓутоа, ваквите активности се повремени и индивидуални, така што доколку не постои стратегија и акционен план за научно-истражувачка работа, науката и истражувањето во Македонија ќе тапка во место, како што покажуваат многу индикатори.
Како ги мотивирате студентите да истраат во амбициите и желбата за иновативност?
– Студентите се мошне реални судии на состојбите. Тие учат од професорите на само стручни работи кои им се предаваат, туку учат и од нивните постапки и однесување. Пробуваме да внесуваме иновативни содржини, најчесто од нашата научно-истражувачка работа за време на предавањата. Исто така им се дава можност да отидат на престои во странство преку наши проекти или програмата како што е Еразмус+ или ДААД стипендирањето и да почувствуваат што значи да се учи и истражува во странство. Исто така не заостануваме со овозможување студентите преку дипломските, магистерските и докторските работи или нивно вклучување во тековни проекти, да работат на реални научни проблеми со користење на научна инструментација. Тоа што јас лично мислев дека можеби исто така би имало удел е преку создавање на стартап компанија која иновира производи и ги пласира на пазарот да се покаже дека тоа што струдентите го учат, не е залудно и може да најде практична примена. Таква е стартап компанијата ХЕМОПО со производите Витрум Гард, кои производи денес може да се најдат во маркетите на Drogerie Markt (DM).
К.В.С.