Во северно Косово повторно запалено возило со косовски регистерски таблички

од Destan Jonuzi
226 прегледи

Косовската полиција соопшти дека денеска во регионот на северна Митровица е запалено едно возило со регистерски таблички на Република Косово, односно со ознаката РКС.

Во соопштението се наведува дека полицијата добила дојава за подметнат оган на возило во сопственост на женско лице од српска националност, жител на општина Лепосавиќ. Во инцидентот нема повредени лица и е предивикана само материјална штета.

Исто така во општина Лепосавиќ, на крајот на октомври беа запалени две возила, а минатата недела уште едно во општина Зубин Поток – сите во сопственост на локални Срби и сите со косовски регистерски таблички.

И во последниот случај, полицијата на Косово соопшти дека ги презела потребните оперативно-истражни дејствија и порача дека „ќе се грижи за безбеноста на граѓаните, без оглед на нивната припадност, за зачувување на јавниот ред и мир и за откривање на таквите криминални акти”.

Владата на Албин Курти донесе одлука за промена на регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС, на што се противат косовските Срби, кои во знак на протест ги напуштија државните и локалните институции на Косово.

Според одлуката на владата во Приштина, на оние кои нема да ги променат табличките до 21 ноември ќе добијат укори, а по тој датум, во наредните два месеци, ќе им бидат изрекувани парични казни. Од 21 јануари ќе им бидат издавани пробни таблички, а од 21 април ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.

На оваа одлука на кабинетот на Курти се спротивстави меѓународниот фактор, пред сé САД, кои велат дека Косово има право да ги смени табличките, но бараат одлагање на спроведувањето на одлуката за 10 месеци, со цел да се постигне договор околу тоа во преговорите меѓу Белград и Приштина со посредство на Европската унија.

Слични содржини