Во Шкотска денеска стапи на сила Законот за справување со криминалот од омраза, кој, според критичарите, може да влијае на слободата на говорот на Шкотите, пренесува „Гардијан“.
Шкотската влада тврди дека Законот за криминал од омраза и за јавен ред ќе обезбеди поголема заштита на жртвите и на дискриминираните заедници.
Законот ги консолидира постоечките закони, но воведува и ново кривично дело „заканувачко или навредливо однесување чија цел е поттикнување омраза“ врз основа на возраст, попреченост, религија, сексуална ориентација, трансродов идентитет и варијации во родовите карактеристики.
Според новиот закон, едно лице направило прекршок ако каже нешто или се однесува на начин „што разумно лице би го сметало за заканувачки или навредлив“, со намера да поттикне омраза врз основа на заштитени карактеристики, пренесува „Би-би-си“.
Максималната казна за ова е седум години затвор.
Критичарите посочуваат дека новиот закон може да биде злоупотребен против поединци и групи кои го изразуваат своето мислење за чувствителни прашања.
„Законот ќе ги охрабри активистите за правата на трансродовите да ги замолчат, а уште полошо, да ги криминализираат жените кои не ги делат нивните верувања“, истакна пратеничката на Шкотската национална партија Џоана Чери.
Професорот по јавно право на Универзитетот во Глазгов, Адам Томкинс, посочи дека, според новиот закон, едно лице може да биде осудено за поттикнување омраза и за коментари дадени во приватноста на својот дом, а не само во јавност.
„Мислам дека тука не му е местото на Кривичниот закон“, рече Томкинс.
Сепак, тој додаде дека законот може да претставува опасност за слободата на говорот „само ако е погрешно разбран“.