Во Швајцарија стапи на сила забраната за носење бурки

Иницијативата против носење бурка беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година

од Vladimir Zorba
34 прегледи

Во Швајцарија на 1 јануари стапи на сила законот за забрана за покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, чие прекршување може да се казни со парична казна до 1.000 швајцарски франци (1.064 евра), пренесува Swissinfo.

Иницијативата против носење бурка беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година, а исклучоците од законот ќе вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено од уметнички и забавни причини, како и за рекламирање.

Закон за наследување

Од 1-ви јануари стапија на сила новите правила кои го усогласуваат швајцарското меѓународно наследно право со Европската регулатива за наследување.

Кога станува збор за наследството, често има судири на јурисдикција помеѓу Швајцарија и остатокот од Европа, а новиот закон ја приближува Швајцарија до Европската унија.

Пораснаа и пензиите

Државните пензии од денеска се зголемени и во Швајцарија за 2,9 отсто со образложение дека тоа е неопходно за да се следи растот на цените и движењето на платите.

Според тоа, минималната државна пензија ќе се зголеми од 1.225 на 1.260 швајцарски франци месечно, а максималната од 2.450 на 2.520 швајцарски франци.

Од 1 јануари швајцарските закони ќе бидат поефикасни во борбата против детските бракови.

Детски бракови

Браковите во странство во кои се вклучени малолетници повеќе нема да се признаваат доколку барем еден од сопружниците бил жител на Швајцарија за време на бракот.

Детските бракови сега може да се поништат на барање на властите или засегнатата страна до 25-тиот роденден на лицето, додека претходно тоа беше можно само додека не наполни 18 години.

Промената на законот има за цел да ги спречи таканаречените „бракови на годишен одмор“, односно детски бракови што се случуваат кога семејствата патуваат во друга земја која може да има пониска возраст за брак.

Дополнително, браковите нема да се признаат во Швајцарија доколку и двајцата сопружници не наполниле 16 години.

Слични содржини