Подготвени се плановите за изградба на највисокиот облакодер во Европа во оддалечен спа-центар, кој се наоѓа во швајцарските Алпи, пишува “Телеграф”. Тој ќе биде повисок од лондонскиот “Шард”, кој се издигнува на 310 метри.
Замислата за новото архитектонско чудо е тоа да биде лоциранo на периферијата на Валс, мало гратче со околу 1.000 жители, кое се наоѓа во швајцарските Алпи на надморска височина од околу 1000 метри. Новата зграда нема да биде штаб на некоја од познатите швајцарски банки , туку луксузен хотел, кој че ги чека богатите гости од Блискиот Исток и Азија. Во хотелот е предвидено да има околу 100 станови, а најевтиниот од нив ќе чини околу 1.000 швајцарски франци на вечер, а најскапиот 25 000.
Проектот, кој според прелиминарните пресметки, ќе чини околу 200 милиони швајцарски франци, ќе биде официјално објавен следната недела во Цирих.Облакодерот ќе се издигне од прилично мала основа – 31 на 16 метри и ќе биде закотвен во земјата со необично длабоки основи. Идејата за необичниот хотел припаѓа на Ремо Шцофел, сопственик на Валс спа, и Пиус Труфер, локален претприемач во рударската сфера. Пред “20 минути”, тој изјави дека и двајцата сакаат да го направат еден од петте најдобри хотели на светот.
Амбициозниот проект веќе е подложен на критика во Швајцарија. Според проф. Виторио Лампунјани од Сојузниот институт за технологија облакодерите во Алпите биле апсурд.
Проектот сѐ уште нема дозвола за стартување на работата на него. Според швајцарскиот систем на директна демократија на есен локалните жители треба да гласаат ќе има или не облакодер во Валс.