Во Скопје министри за земјоделство и експерти од регионот дискутираат за најдобри практики и искуства во обновувањето на шумите

од Nikola Popovski
202 прегледи

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во партнерство со Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“- Скопје организираа настан во Скопје, со фокус на најдобри практики и искуства во обновувањето на шумите.

Настанот се организира во рамките на Проектот за техничка соработка на ФАО насловен „Tехничка поддршка за зајакнување на националниот капацитет во шумарството“. Основна цел на проектот е да се зајакне улогата на шумарскиот сектор во националната економија и руралниот развој преку подобрување на мониторингот и планирање на обновување на шумите. Настанот послужи како платформа за лидерите и експертите од регионот на Западен Балкан да разменат најдобри практики и искуства во обновувањето на шумите, притоа нагласувајќи го значењето на регионалната соработка во управувањето со шумите.

“Основната цел на оваа конференција, е токму во таа насока, заеднички да ја зајакнеме улогата на шумарскиот сектор, унапредувајќи го неговиот придонес во националната економија преку подобрен мониторинг и планска обнова на шумите, како и зајакнување на руралниот развој, промовирајќи ги природните шумски убавини до секој еден човек’’ истакна Министерот Љупчо Николовски на отворањето на настанот. Тој додаде дека ‘’шумите се од витално значење за одржување на животот на нашата планета, обезбедувајќи ни чист воздух, вода и биодиверзитет, како и зајакнување на нашата отпорност на климатските промени. Шумите се природното богаство на секоја една земја. Особено ме охрабрува колективната посветеност која ја гледам за зачувување на нашите шуми и благосостојбата на нашите заедници’’- подвлече Николовски.

Набил Ганги, Одговорен за Регионалната канцеларија на ФАО, Заменик регионален претставник за Европа и Централна Азија и Шеф на канцеларијата на ФАО во Северна Македонија, истакна дека ФАО останува посветена на поддршката на земјите во одржливото управување со нивните природни ресурси, а со тоа и подобрување на благосостојбата на нивното население. „Задоволство ни е да ги поддржиме напорите на Владата на Северна Македонија за зајакнување на капацитетите за мониторинг и обновување на шумите во годините што следат. Нашата колективна цел е зајакнување на партнерствата во насока на јакнење на економската вредност на македонските шуми и одржливо управување со шумските ресурси во земјата“, додаде тој.

Министерска тркалезна маса беше дел од настанот, на која учествуваа министрите одговорни за земјоделство, шумарство, храна и водостопанство од Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Косово[1] и Црна Гора. Тие разменија увид во националните состојби со обновување на шумите и пошумувањето како стратегии за справување со регионалните предизвици од климатските промени.

Министерот Николовски истакна дека зелената транзиција е еден од петте приоритети на министерството и Владата на Република Северна Македонија. Тој потенцираше дека пошумувањето е една од целите на Владата за успешно реализирање на зелените принципи. “Заедно во соработка со Европската Унија, преку ИПА Програмата работиме на голем и значаен проект за реформа на секторот шумарство во Северна Македонија, кој ќе се реализира низ четири поткомпоненти и го доближува македонското шумарството до европските стандарди” – истакна Николовски. Тој додаде дека со Програмата за проширена репродукција на шумите, МЗШВ јасно си поставува насоки за планско пошумување на голини, ерозивно земјиште и санирање на опожарени шумски предели. Преку оваа програма минататата година задени се над 400.000 садницни на повеќе предели низ државата, додека за 2023 година е предвидено засадување на 1.200.000 садници.

Владимир Јоковиќ, Вицепремиер за економски систем и Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора, го истакна богатото црногорско шумско наследство и напорите за зачувување на шумите. Тој информираше за тековните реформи за одржливо управување со државните шуми, истакнувајќи ги приоритетите како што се отпорноста, руралниот развој, конкурентноста на дрвната индустрија, развојот на шумарската професија, обновувањето на опожарените површини и адаптацијата на климатските промени. Јоковиќ, исто така, ја истакна важноста на регионалната соработка за управување со шумите.

Анила Денај, Министерка за земјоделство и рурален развој на Република Албанија истакна дека негативните ефекти од климатските промени врз шумите се реалност и во Албанија. Со поддршка на Светска банка, Албанија за прв пат воведува Дигитална платформа за климатски-паметно земјоделство, со цел да ги насочи земјоделците кон поодржливи земјоделски практики, а исто така, инвестира во модернизирање на наводнувањето и одводнувањето и интегрирање на обновливите извори на енергија за заштите на животната средина.

Фатон Пеци, Министер за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово, ја истакна важноста на регионалната соработка, потенцирајќи дека Владата на Косово активно работи на заштита и обновување на шумите, преку законски измени и проекти поддржани од меѓународни партнери, меѓу кои Европската комисија, САД, ФАО, Јапонија, Шведска и Германија, чија основна цел е подобрено управување со шумите, превенција од поплави и управување со ризик од шумски пожари и други природни катастрофи.

Заменик-министерот Мирослав Маринов ја истакна посветеноста на Бугарија на пошумувањето, како начин за справување со деградацијата и ерозијата на почвите, и истовремено зачувување на квалитетот на земјиштето и водниот биланс. Тој истакна дека 30 отсто од напорите на Бугарија за пошумување се фокусираат на анти-ерозивни мерки, и информираше за автоматизирано контејнерско производство на садници во Бугарија со финансиска поддршка од Европската унија. Маринов разговараше за бугарските искуства со справување со шумските пожари, истакнувајќи ја примената на експериментални практики за пошумување и наводнување, како и на опитни локации за демонстрирање на иновативни методи за зачувување на биолошката разновидност во шумарството.

На настанот, академски експерти од Северна Македонија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина одржаа презентации на низа клучни теми, вклучително најдобри практики во обновувањето на шумите, силвикултура и предизвици во пошумувањето. Нивните дискусии опфатија производство на саден материјал од шумски видови, стратегии за пошумување на голи терени, хидросеење како начин за рекултивација на деградирано земјиште и еродирани подрачја, како и производство на биомаса.

Размената на најдобри практики и искуства во обновувањето и управувањето со шумите е важен чекор кон позелена и поотпорна иднина за Западен Балкан и пошироко.

 

Слични содржини