Од утре, 1 мај, во Словенија престануваат да важат регулираните цени на нафтените деривати, па се очекува нивен значителен раст на почетокот на следната недела.
Владата не одлучи да ја продолжи мерката со која највисоката малопродажна цена на бензинот од 95 октани на бензинските пумпи од март е фиксирана на 1.503 евра за литар, а на дизелот на 1.541 евро.
Словенечката влада оцени дека регулирањето на цените на течните горива веќе ја одиграло својата улога во ублажувањето на цените и дека нема нарушувања на пазарот на деривати, но ги продолжила намалените акцизи на енергенсите за уште три месеци.
Министерството за економија соопшти дека цените на нафтените деривати во Словенија ќе продолжат да се движат како во просекот во еврозоната.
Дистрибутерите проценуваат дека новата малопродажна цена на бензинот од 95 октани би можела да биде околу 1,6 евра, а на дизелот 1,8 евра.
Според словенечките медиуми, значително поскапување на струјата се најавува на почетокот на мај, бидејќи мерката со која добавувачите на тој енергенс не смееја да им наплаќаат на потрошувачите трошоци за мрежата и некои други давачки кои се во вообичаената ценовна структура на таа енергијата е при крај.