Во кумановското село Слупчане на 2 мај ќе биде откриен споменик посветен на борците на УЧК, објави градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи.
-За она што овие маченици го дадоа за нашата слобода, ја изградивме Спомен-кулата во спомен на нивниот доживотен херојски подвиг. Спомен-кулата на 2-ри мај ќе биде подготвена за инаугурација. Слава на мачениците на народот, напиша Арифи на Фејсбук со фотографија од споменикот.
Меѓувреме градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски најави изградба на спомен обележје за бранителите од конфликтот во 2001 година и припадниците на МВР од немилите настани во Диво Насеље во 2015 година во Куманово.
-Очекувам на некоја од следните седници на Советот на Општина Куманово едногласно од сите политички партии да се прифати иницијативата на здружението на ветераните “ЗАПВАРС” од Куманово и синдикатот на полицијата од Македонија за изградба на спомен обележје на сите Кумановски бранители од 2001 година, вклучувајќи ги и припадниците на МВР од Кумановските настани од 2015 година. Тие не задолжија, тоа е наша обврска која до ден денеска не е исполнета, истакна Димитриевски.