Големи шумски пожари се разгореа на грчкиот остров Крит вчера доцна попладнето, поради што мораше да се спроведе и евакуација на населението и на туристи, јавуваат грчките медиуми.
Пожарникарите кај местото Јерапетрa се бореле со огнот цела ноќ, а помош добиле и од бродови. Се користи и расположивата тешка механизација. Таму сега дејствуваат 155 пожарникари, од кои дел се донесени на испомош од Атина.
Има информации за луѓе пренесени в болница поради проблеми со дишењето, вели координаторот на граѓанската заштита во Крит, Манолис Параволидакис.
Пожарите го зафатија главно југоисточниот дел на островот. Силните ветрови ја прават борбата со пожарот екстремно тешка.
Евакуирано е месно население и туристи од четири населени места и околу 3.000 луѓе се во привремено сместување.
Вчера шумски пожар избувна и кај гратчето Вурвуру на вториот крак на Халкидики, каде има и голем број кампови, а месните власти наредија туристите што се близу до пожарот да се евакуираат во Никити.
Огнениот фронт е долг околу 2 километра, а околу 60 пожарникари работат на гаснењето.