Стотици луѓе присуствуваа во ромската населба во Солун на погребот на младиот Ром кој почина откако беше застрелан од полицијата за време на потера пред една недела поради неплатена сметка на бензинска пумпа.
Лекарите се изборија за животот на 16-годишно момче со тешка повреда на главата во болница во Солун, откако на 5 декември беше застрелан од полицаец кој го бркаше со мотор бидејќи тинејџерот наполнил пикап со гориво на бензинска пумпа и заминал без да плати сметка од 20 евра. Но момчето вчера им подлегна на повредите.
Случајот предизвика протести од ромската заедница ширум Грција, иако претставници на заедницата и некои членови на семејството на убиеното момче ги молеа граѓаните да останат смирени.
Полицаецот (34), кој призна дека пукал, е суспендиран и се наоѓа во домашен притвор каде го чека судење за кривично дело убиство од небрежност и недозволено пукање од оружје.
Министерот за заштита на граѓаните (внатрешни работи) Такис Теодорикакос на Твитер објави дека е „длабоко тажен поради смртта на момчето“ и изрази сочувство.
„Повторувам дека овој случај го истражува судскиот систем кој е единствен надлежен да ги оценува фактите и судиската одговорност. Сите да го почитуваме тоа“, напиша министерот.