Во Тексас погубен поранешен полицаец кој најмил платен убиец да ја убие неговата сопруга

од Stefanija Kuzmanovska
182 прегледи

Поранешен американски полицаец, осуден за ангажирање платен убиец да ја убие неговата сопруга пред речиси 30 години, беше погубен во вторникот по правна битка, и тоа во последен момент, соопштија властите во Тексас.

Роберт Фрата (65) требаше да биде погубен во вторник навечер, но одлуката на судијата ја одложи планираната смртоносна инјекција за неколку часа.

Имено, окружниот судија Кетрин Маузи пресуди дека службените лица не можат да ја искористат предвидената инјекција бидејќи најверојатно ѝ истекол рокот, пренесува Raw story.

Фрата во последен момент поднесе жалба заедно со неколку други осуденици на смрт, тврдејќи дека употребата на пентобарбитал со поминат рок претставува сурова казна и затоа треба да биде забранета според Уставот на САД.

Врховниот суд на јужната држава одлучи да не интервенира, дозволувајќи да се спроведе смртоносната инјекција.

Во соопштението во вторникот вечерта од Одделот за кривична правда во Тексас се вели дека Фрата бил прогласен за мртов во 19:49 часот.

Фрата бил во затвор од 1994 година, кога, според обвинителите, регрутирал познаник кој најмил платен убиец да ја убие Фарах Фрата (33).

Според правните документи, двојката била среде жестока битка за развод и старателство над нивните три деца.

Слични содржини