Македонец со живеалиште во Германија загина во сообраќајка кај Кичево, како и моторџија кој излетал од патот, а во трета сообраќајка беа повредени двајца возачи и 21 работник.

Во понеделникот, во 19,55 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Опел aстра“ со кичевски регистерски таблици управувано од А.К. (32) од Кичево и патничко моторно возило „Мерцедес“ со германски национални ознаки управувано од Х.Р. (45) од с.Велешта-струшко, а со живеалиште во Германија.
Во незгодата Х.Р. се здобил со тешки телесни повреди по што со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болницата “Свети Еразмо“ во Охрид, каде што во 23,40 часот починал.
Со повреди се здобиле возачот на “опелот“ А.К., сопатникот од истото возило Х.С. (39) од Кичево, како и сопатниците од возилото “Мерцедес“ – Б.Р. (42) и две деца на возраст од осум и 14 години кои биле пренесени и задржани на лекување во болницата “Свети Еразмо“. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Охрид. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција. Се работи на целосно расчистување на случајот.
Во вторникот, во 2.10 часот на локалниот пат с.Стојаково-с.Селемли Д.И.(44) од Богданци управувајќи мопед „Лифан-50“ изгубил контрола над мопедот и излетал надвор од патот. Д.И. починал на самото место, а смрт била констатирана од страна на лекар од екипа на Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициска канцеларија Богданци со полициски службеници од Полициска станица Гевгелија. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот ќе биде дадено на обдукција. Се работи на целосно расчистување на случајот.
Во понеделникот пак, околу 13.30 часот на магистралниот пат Велес-Штип, кај с.Мамутчево, се случила сообраќајна незгода меѓу автобус со штипски регистерски таблици управуван од Б.А. (54) од Велес и товарно моторно возило „Сканија“ со скопски регистерски таблици управувано од М.Ј. (31) од Скопје. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и 21 патник (од автобусот), а сообраќајот бил во прекин од 13,40 до 15,10 часот. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Свети Николе. Се работи на целосно расчистување на случајот.