Пекинг ги повика ОН да ги потсетат САД да го почитуваат договорот со кој се регулира вселената откако сателитите лансирани од компанијата „Спејс Икс“ на Елон Маск за малку ќе се судреа со кинеската станица двапати во изминатата година.
Кина соопшти дека нејзината вселенска станица применила мерки за контрола на спречување судири во јули и октомври за да избегне судир со сателитите Starlink, според неодамнешниот извештај поднесен од Пекинг до Комитетот на ОН за мирно користење на вселената претходно овој месец.
„Кина сака да побара од генералниот секретар на Обединетите нации да дистрибуира информации до сите потписнички на Договорот за вселената“, се вели во извештајот доставен од кинеската постојана мисија во Виена.
Се додава дека земјите-членки мора да „носат меѓународна одговорност“ за активностите што ги спроведуваат, и владините и невладините тела во вселената.
Џонатан Мекдауел, астрофизичар од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан, изјави за „Гардијан“ дека е „многу необично“ земјата да се жали преку „информативниот билтен“.
„Space X“ лансираше повеќе од 1.600 сателити во вселената во мрежата наречена „Starlink“ и доби дозвола од американската Федерална комисија за комуникации да лансира до 12.000 сателити.
Судирите не се невообичаени во вселената, но таквите инциденти се зголемени во последните години поради бројот и брзината со која сателитите се лансираат, рече Мекдауел.
„Starlink“ е голем дел од тоа“, вели астрофизичарот.
Тој додава дека Кина придонесува и за создавање вселенски отпад.
„Исто така, фер е да се каже дека американската вселенска станица мораше да избегнува делови од кинескиот сателитски одбранбен тест во 2007 година неколку пати во последните 10 години“, рече Мекдауел.
Инцидентот е потсетник дека светот влезе во „нова ера во вселената“, рече астрофизичарот.
„Има повеќе отпад и активни сателити. Работите стануваат се позафатени таму… Тоа е комерцијална вселенска ера“, рече Мекдауел.
„Space X“ не одговори на барањето за коментар.
Кинеската вселенска програма заврши пет успешни мисии со екипаж во 2021 година.