Најмалку 15 лица загинаа во вооружен напад извршен од неколку возила во пограничниот град Рејноза во североистокот на Мексико, каде што криминалните активности ги води картелот Голф, кој ги потреса внатрешните борби за превласт.
Локалните власти потврдија дека нападот врз неколку контролни пунктови во источниот дел на Рејноза, кој се граничи со американскиот град Мекален во Тексас, започнал во саботата попладне, наведувајќи дека „има паника меѓу граѓаните“.
Како резултат на овој напад беа распоредени единици на мексиканската армија, Националната гарда, полицијата и другите безбедносни агенции.
Полицијата заплени три возила и уапси лице кое во багажникот на неговиот автомобил држело две жени, кои очигледно биле киднапирани.
Градоначалникот на Рејноза Ортиз Домингез побара да се расчисти овој вооружен напад и да се обезбеди заштита на сите граѓани.