ИСИС (Исламска држава) ја презеде одговорноста за серијата бомбашки напади во Авганистан, чија цел беа Талибанците, објави во неделата новинската агенција на екстремистичката група Амак на својот канал на Телеграм.
„Повеќе од 35 припадници на талибанската милиција беа убиени или ранети во серија експлозии што се случија во саботата и неделата“, соопшти ИСИС.
Цел на експлозиите беа возила на талибанците во градот Џалалабад, беше потврдено од авганистанскиот медиум „TOLO News“ во неделата.
За потсетување, бомбашки напад врз возило на Талибанците во провинцискиот авганистански град Џалалабад во саботата уби пет лица, меѓу кои двајца цивили, меѓу кои и едно дете. Според агенцијата АП, сведоци на овој напад рекле дека бомбата го погодила талибанското возило, и дека претставува втора смртоносна експлозија во изминатите неколку дена во упориштето на Исламската држава во Авганистан.
Очевидци истакнале дека бомбата била насочена кон возило на граничната полиција, кое сега го управуваат Талибанците.
Талибанците и членовите на Исламската држава се непријатели и беа во конфликт уште пред талибанците да ја преземат контролата над Авганистан минатиот месец.